Новитетот во портфолиото на винарската визба „Тиквеш“, виното „Александрија розе“ 2015, освои златен медал на годинешниот натпревар „Citadelles du Vin“ што по 16-ти пат се одржа во Бордо, Франција. На истиот натпревар, белото вино „Совињон Бланк Спешл Селекшн“ од последната берба доби сребрен медал.

На годишново издание на овој реномиран меѓународен вински натпревар, 60 вински судии имаа прилика да оценуваат над 1200 различни вина од 29 земји од светот. Според пропозициите на натпреварот, медали можат да бидат доделени само на вината со исклучителни карактеристики и квалитет, при што нивниот број не може да биде повисок од 30% од вкупниот број дегустирани вина.

Заради ваквиот пристап, овој вински натпревар се смета за еден од најексклузивните во светот. Оваа година, доделени се вкупно 143 златни и 147 сребрени медали, во најголем дел на вина произведени во познатите вински земји: Франција, Шпанија, Италија и САД.

-Секоја година ВВ„Тиквеш“ освојува најмалку по еден златен медал на овој реномиран меѓународен вински натпревар што се одржува во еден од најпознатите француски вински региони – Бордо. Медалите освоени овде претставуваат посебна препорака со оглед на острата конкуренција и строгите пропозиции. Оваа година сме особено горди и заради фактот што златниот медал го доби најновиот член во нашето продуктно портфолио – розе виното Александрија што ќе се појави на пазарот во јуни 2016, што секако додава дополнителна вредност на овој бренд со долга традиција и голема популарност кај љубителите на виното во земјата и пошироко, – објаснува генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски.(ВВ „Тиквеш“)