Рудникот за олово и цинк „Саса” -Македонска Каменица, членка на Македонска-руската стопанска комора, почна со градежните работи за изградба на новото хидројаловиште, инвестиција вредна над шест милиони евра. Максим Профоров директор за развој и инвестиции во рудникот „Саса” вели дека новото хидројаловиште број четири е продолжение на старото и се уште активно.

– Изградбата на хидројаловиштето се состои од три дела. Првиот дел е изградба на опточен тунел, односно пробивање на опточен тунел кој е во карпа. Одводнување на Петрова Река, која што е сега од десна страна, со цел тие води да немаат допир со новото јаловиште и директно да одат во реката Каменица. Третиот дел е иницијална брана, врз која после ќе се складира јаловина и врз која фактички ќе се формира новото јаловиште, вели Прохоров.

Според менаџментот на компанијата, оваа инвестиција е од големо значење, а поддршката од Владата им е битна бидејќи минатата година ја добиле концесијата за проширување на експлоатацијата на рудата, за што инвестирале и дополнителни 20 милиони евра со цел рудникот да опстои и во наредните години, односно до 2029 година.

– Создадени се и услови за понатамошни подземени и површински геолошки истражувања, што ќе ни покажат какви се перспективите на рудникот за понатаму. За да имаме ние каде да ја складираме јаловината, после технолошкиот процес на производство на концентрат, затоа и ја почнавме изградбата на ова ново хидројаловиште, – доддава Прохоров.

Генералниот директор на рудникот „Саса”, Александр Раков вели дека рудникот со новото хидројаловиште, чија изградба треба да заврши до 2018 година значи и нов живот на рудникот.

– Лани отворивме нови хоризонти за откопување на руда, а оваа година тоа го правиме со изградба на новото јаловиште. Со тоа ние имаме услови за развивање на програма за рудникот до 2029 година, – објаснува Раков. – Им се заблогодарувам на државните органи и на локалната самоуправа за поддршката која ја имаме и за сите наши развојни планови и се надеваме дека рудникот ќе продолжи да се развива.

Градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Дарко Митевски истакна дека како рударски град им е важно оваа гранка да се развива, а како локална власт покрај инвестициите во рударството им е значајна и заштитата на животната средина и здравјето на луѓето.

– Заедно со Министерството за локална самоуправа активно работиме на запазување на сите еколошки стандарди при изградбата на овие капитални објекти. Со тоа што ќе создадеме иднина и функционирање на рудникот „Саса” и секако на Општина Македонска Каменица, вели Митевски.

Главен изведувач на изградбата на ново хидројаловиште на рудникот „Саса” е градежната фирма „Трансмет”.

Инаку, истражувања во врска со геолошките резерви на рудник САСА се направени од страна на геолошката служба на рудник САСА, а од страна на СРК Консатинг (Велика Британија) е направена проценка на ресурсите на минерали на рудникот САСА, а со свој проект во оваа работа се вклучи и Рударско-геолошкиот факултет од Штип при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје.

Во својот проект СРК детално го разгледа изборот на методот на откопување на рудата и за следните операции препорачува комбинација на шведскиот метод и методот со полнење. СРК забележува дека постои значителен потенцијал во САСА да се задржи стапката на производство на 750.000 tpa до 2017 година. Врз основа на работите преземени во рамките на овој план за животниот век на рудник САСА може да се смета за огромен проект дури и според количеството на материјал што може да се откопа. СРК смета дека рудникот САСА има многу поволни карактеристики вклучувајќи го значителното производство (тонажа) на полуразвиени и развиени рудни блокови со доволна дебелина за примена на методите за откоп на рудата во големи количества.