Делегација од Амбасадата на Република Франција во Република Македонија, предводена од амбасадорот Кристијан Тимоние, оствари официјална работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје, членка на Македонска-руска стопанска комора.
Целта на посетата на високите дипломатски претставници беше запознавање со резултатите од осумдецениското работење на компанијата, нејзините пласмани и производното портфолио. Во рамки на средбата со менаџерскиот тим, беа презентирани и бројните инвестиции кои „Алкалоид“ континуирано ги реализира низ годинините, како и извозните активности кои се еден од клучните сегменти од корпоративната политика на компанијата.
TvoA2
Амбасадорот Тимоние истакна дека е импресиониран од посетата и од успешното работење на „Алкалоид“.
– Особено сум среќен што „Алкалоид“ успешно соработува со неколку француски фармацевтски компании, но заеднички ќе се обидеме да го зголемиме нивниот број во иднина и да воспоставиме продлабочена соработка во делот на истражувањето, што би било од големо значење за двете земји. „Алкалоид“е успешна приказна, која покажува дека кога постои знаење, сé се може – изјави Тимоние.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов посочи дека посетата од страна на францускиот амбасадор претставува огромна чест за компанијата, која е подготвена да вложи и дополнителни напори со цел интензивирање на соработката помеѓу двете држави.
-Годинава, кога славиме 8 децении истражување, развој, иновации и континуирани вложувања во алкалоидовата визија за поздрав живот, не можам а да не ги споменам и генерациите Алкалоидовци пред нас, благодарение на чии несебични заложби, денес сме една од најмодерните и најбрзорастечки фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа со над 1.600 вработени и пласмани во над 30 земји во светот -истакна Мукаетов.
Во рамки на официјалната посета, гостите имаа можност одблизу да се запознаат со производните капацитети на компанијата и сегментите за истражување, како и со новиот Центар за контрола на квалитет.