Извозот на македонските компании на рускиот пазар на стартот од оваа година започна одлично забележувајќи раст од 55,4 отсто.Во првите два месеци од 2021 година во Руската Федерација пласирани се производи во вредност од нешто над 11 милиони САД долари (лани во истиот период 7,12 милиони САД долари).Истовремено преполовен е увозот на стоки од руските производители.Во јануари и февруари од Русија е купена стока во вредност од 23 милиони САД долари (лани 42,2 милиони САД долари), што е пад од 54,5 отсто.

Вкупната размена, пак, на С.Македонија и Руската Федерација до крајот на февруари опаднала за 69,1 отсто.Во овој период на годинава размената достигнала вредност од 34 милиони долари, додека лани во истиот период таа изнесувала 49,3 милиони САД долари.

Во првите два месеци во стоковата размена со Русија земјава бележи трговски дефицит во износ од 11,9 милиони САД долари.

Во овој период Руската Федерација е 19 трговски партнер на С. Македонија.

dav

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната размена на земјава со светот ја достигнала вредноста од 2,96 милијарди САД долари. Притоа, вредноста на извозот на стоки од Република Северна Македонија  изнесувала 1,30 милијарди САД долари и бележи пораст од 21,1 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувала 1,65 милијарди САД долари што е за 15,1 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Вкупниот трговскиот дефицит на земјава, во периодот јануари-февруари 2021 година, изнесува 358 милиони САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-февруари 2021, изнесува 78,4 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Во периодот јануари-февруари 2021 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.