Од утре на скопскиот аеродром почнува да функционира новата редовна авиолинија Москва-Скопје, со авиокомпанијата „Нордвинд“.

Првиот авион на „Нордвинд“ од Москва ќе склета во Скопје во 17 часот и 10 минути.

Времетраењето на летот од московскиот аеродром Шереметјево до скопскиот аеродром е три часа и 23 минути.

Оваа директна редовна авио врска се воспоставува по 20 години пауза. Првиот лет на „Нордвинд“ од Москва за Скопје беше најавен за 21 минатиот месец, но се одложи поради епидемиолошката состојба.

Тогаш беше најавено дека редовна директна авиолинија меѓу Москва и Скопје ќе има еднаш неделно и таа рутата беше соодветно испланирана во летниот ред на летање на ТАВ Македонија за Меѓународниот Аеродром Скопје со термин секој петок попладне, со време на поаѓање од московскиот аеродром „Шереметјево“ во 14 часот и 45 минути и време на пристигнување на Меѓународниот Аеродром Скопје во 17 часот и 10 минути.

Првите патници од Москва со директниот лет на „Нордвинд“, според најавата,  утре на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе ги пречекаат и директорот на ТАВ Македонија  Метин Батак,  министерот за транспорт и врски  Благој Бочварски и амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Н.Е. Сергеј Баздникин.