Стоковната размена на Република Македонија со Руската Федерација во првите три месеци од годинава бележи опаѓање во сите сегменти, при што најголем пад е регистриран кај македонскиот извоз од дури 31,4 отсто.
Вкупната трговија меѓу двете земји до крајот на март застана на бројката од 56,917 милиони САД долари (лани во истиот период 63,962 милиони САД долари, што е опаѓање од 11 отсто.
Македонските компании во овој период пласирале стока на рускиот пазар во вкупна вредност од 6,677 милиони САД долари (лани 9,739 милиони САД долари – речиси третина помалку отколку во истиот период лани.Од друга страна, увозот од Русија  во првото тримесечје изнесувал 50,240 милиони САД долари (лани во истиот период 54,223 милиони САД долари), што е помалку за 7,3 отсто.
Во првите три месеци Република Македонија бележи трговски дефицит во размената со Руската Федерација во висина од 43,563 милиони САД долари.
Што се однесува до  вкупниот обем на стоковната размена  на земјава со светот,  во првото тримесечје тој изнесувал 3,789 милијарди САД долари.Според претходните податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – март 2018 година, изнесувал 1,598 милијарди САД долари и бележи пораст од 30.5% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувал 2,191 милијарди САД долари, што е за 29.9 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март 2018 година, изнесувал 592,5 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – март 2018 година, изнесувал 72.9 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – март 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.