Претседателот Стево Пендаровски го одликува Живко Мукаетов, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на  „Алкалоид“ АД Скопје, членка на Македонско-руската стопанска комора,  со Орден за заслуги за државата. Постхумно се одликувани  и Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими со истото одличје.

Живко Мукаетов се одликува за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите што се градени, одржувани и осовременувани со генерации, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите што ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.

Горан Стефановски постхумно се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и во осoвременувањето на книжевното културно наследство, за втемелување, развој и промоција на современите културни и уметнички вредности во земјата и меѓународно, за развојот на македонското драмско творештво и за воспоставување на основите на новите драматуршки форми во македонската книжевност, за збогатување и негување на македонскиот јазик и за воспоставување на новите модели во образовната и педагошката сфера.

Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика преку современи и популарни форми.

Ремзи Несими постхумно се одликува за неповторлив и траен придонес во филолошките науки од областа на дијалектологијата и промовирањето на јазичното богатство, за промоција, лингвистички развој и закотвување на значењето на албанологијата во Република Северна Македонија и во светот воопшто, за исклучителна научна дејност, која придонесува за обликувањето на стандардниот албански јазик.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека четворицата носители на одликувањето имаат разни генерациски, творечки и професионални траектории, но сепак се спојуваат во единствениот животен пат, кој води кон создавање нови вредности во македонското општество.

-Со ова заедничко доделување на Орденот за заслуги за Република Северна Македонија за Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов, како што рече претседателот Пендаровски, сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и за благосостојбата на сите македонски граѓани, – истакна Пендаровски.

При обраќањето до јавноста, Мукаетов се заблагодари за одличјето и најави дека и во иднина ќе работи за подобрување на македонското општество.

-Почитувани, би сакал да се заблагодарам за ова државно одличје кое денеска го добивам. За мене тоа претставува една огромна чест и еден мотив за понатамошни активности во она што го работам. Оваа година е 85 години од постоењето на компанијата „Алкалоид“ и овој орден, од тој аспект, има уште поголемо значење за мене и за сите вработени во компанијата. Пред 15 години, кога застанав на чело на компанијата „Алкалоид“, тоа беше еден систем со цврсто поставено однесување од аспект на корпоративно управување. Внесовме нова енергија и компанијата од година за година сè повеќе се интернационализира. Но, што и да работам, јас заедно со тимот кој го водам, секогаш на ум ја имаме максимата на мојот татко, Трајче Мукаетов, кој викаше дека „Алкалоид“ е компанија за сите генерации, „Алкалоид’“ е компанија за многу години и ние сме тие кои треба и понатаму да ја градиме таа компанија и дека треба да мислиме на иднината. Врзано со тоа, сакам да кажам дека и понатаму сите заедно ќе работиме за она што го правиме да биде добро за македонското општество и да она што го правиме уште повеќе нè прави сите нас горди. Би сакал да се заблагодарам на моето семејство кое во било кое време стои зад мене, безрезервно ме поддржува, – изјави меѓу другото Живко Мукаетов.

Орденот за заслуги е одличје кое се доделува од 2007 година од претседателот на државата.