Најголемата фармацевтска компанија во земјава „Алкалоид“ АД Скопје, членка на Македонска-руската стопанска комора, одбележува 80 години успешно работење во фармацевтскиот сектор.
-Одбележуваме осум децении истражување, развој, иновации и континуирани вложувања во нашата визија за поздрав живот на секој поединец. Илјадници исполнети вработени, милиони задоволни корисници и производи кои се синоним за врвен квалитет се сведоштва за нашата посветеност и копнеж по совршенството, – истакнуваат од компанијата, која е присутна не само во земјава, туку и во регионот, Европа и во САД.
Осумдецениското постоење компанијата го одбележува во знакот на хуманоста, така што опшествената одговорност на компанијата се позиционираше на врвот на агендата на своето дејствување.
„Алкалоид“ својата успешна приказна ја промовира преку слоганот „Здравјето пред се“, односно дека „Здравјето е среќа, а среќата е здравје“.
Годинава пуштен е во употреба Центарот за квалитет на „Алкалоид“, инвестиција вредна близу 5,3 милиони евра. Преку фондацијата „Трајче Мукаетов“ секоја година на најуспешните студенти по медицина и фармација им се доделуваат стипендии. Добар дел од овој квалитетен кадар е веќе вработен во фрамацевтската компанија. „Алкалоид“ денеска е компанија со над 1.500 вработени, од кои 1.200 се во Македонија, а над 300 се во странство.
Компанијата има свои претставништва во 16 фирми вон од земјава, а своите производи ги продава во над 30 светски пазари. Во изминативе 10 години, пласманите на „Алкалоид“ од 53 милиони евра во 2005 година дојдоа на речиси 130 милиони евра.
На чело на една од најстарите македонски компаниии е Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Алкалоид”. Тој во компанијата е од 1999 година, а во 2007 година е назначен за претседател на Управниот одбор.
Претходните успеси на овој врвен македонски бренд се должат на неговиот татко Трајче Мукаетов, кој 34 години беше целосно посветен на компанијата.
Многу награди и признанија има зад името на Живко Мукаетов. Пред нецели две години, првиот човек на “Алкалоид”, стана дел од светското елитно друштво на Млади глобални лидери, чија главна цел е со заеднички напори и залагања да го направат светот подобро место за живеење.
Мукаетов освен во”Алкалоид” е претседател и на ракометната федерација на Македонијa. Тој е член и на Одборот на директори на „Македонија 2025“, преку која се интензивираше соработката со дијаспората во економијата.
Со указ на Нејзиното Височество, данската Кралица Маргарете втора, годинава Мукаетов, кој е генерален конзул на Кралството Данска во Македонија, доби високо одликување: Витез на данското знаме.