Горниот дом на италијанскиот Парламент, Сенатот, доцна синоќа  (5.6.2018 година)  ја изгласа новата Влада на Италија предводена од премиерот Џузепе Конте.„За“ новата Влада гласаа 171 сенатор, 117 беа „против“, а 25 воздржани.
Во обраќањето до сенаторите пред гласањето, Конте рече дека меѓу приоритетите на неговата Влада ќе биде ставање крај на илегалната миграција во Италија и засилување на врските со Русија.
-Ние ќе бидеме застапници на отворање кон Русија, вклучувајќи и укинување на санкциите на ЕУ спрема Москва, кои го повредуваат “граѓанското општество”, рече Конте во обраќањето пред сенаторите.
Членовите на Пет ѕвезди и Лигата, како и неколкумина од сенаторите што ја претставуваат италијанската дијаспора гласаа за владата, додека сенаторите на левоцентристичкиот блок на Демократската партија (ПД), како и на поранешниот коалициски партнер на Лигата, Форца Италија (ФИ) на Силвио Берлускони гласаа против Владата, а од гласање се воздржаа членовите на екстремно десничарската националистичка партија Браќа на Италија (ФДИ).
За доверба на Владата денес (6.6.2018 година) треба да се изјасни и Долниот дом на италијанскиот Парламент.
Инаку, угледното економско издание  „Il sole 24 ore“ во текст што го објави деновиве  потсетува дека Италија во Руската федерација лани извезла стока во вредност од осум милијарди евра, што е за околу три милијарди евра помалку отколку во 2013 година пред воведувањето на санкциите.
Австрискиот институт за економски истражувања една година по воведување на санкциите процени дека мерката ќе ги чини земјите на ЕУ околу 100 милијарди евра.Притоа, за Италија се проценуваше дека ќе загуби 200.000 работни места и 0,9 отсто од БДП.