Не само што одговоривме на предизвикот на корона кризата, туку и не отстапивме од плановите за лансирање на нови производи, вели Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на „Бимилк“ во интервју за „Фактор“. За време на полицискиот час и карантините, најважно беше граѓаните да не почувствуваат дека нешто им недостига, а во тоа на компанијата многу и помогна шестдецениското искуство и добрата организациона поставеност. Интервјуто го пренесуваме во целост.

Позади нас останува една мошне турбулентна година, ситуација што неминовно се одрази на многу општествени сегменти. Како се почувствува во прехранбената индустрија и дали остави некакви последици врз работата на Бимилк?

Прехранбената индустрија во ниедни околности не може, ниту пак смее да подзастане. Ние сме водени од секојдневните потреби на граѓаните, а млечната индустрија како еден од основните прехранбени продукти го носи приматот во таа одговорност. Затоа кај нас никогаш не станува збор за прашањето „дали” туку само за „колку подобро” и како производител апсолутно останавме доследни на големината на задачата. И не само што одговоривме на предизвикот, туку и не отстапивме од плановите за лансирање на новите производи, чоколадно млеко Битолско со 10 витамини, Баланс+ Имуно. Сепак, не може да се каже дека останавме целосно имуни на последиците од пандемијата и точно како што предвидовме некаде на самиот почеток, тие почнаа да се чувствуваат со одложен ефект: намалена потрошувачка моќ, зголемени трошоци низ одделните алки во синџирот на снабдување, што секако влијае на профитабилноста. Сепак, од денешна перспектива, се потврди уште еднаш дека секоја криза, истовремено е и можност, а за нас тоа беше можноста да научиме многу за тоа како можеме да се прилагодиме и во услови на целосна непознаница.

Во почетокот и во целиот тек од аспект на граѓаните беше најважно да не почувствуваат дека што било им недостига, а во екот на полицискиот час имаше моменти на масивно пазарување и складирање производи. Како успеавте да ја достигнете таа брза динамика и ги исполните сите барања?

 Битолска млекара зад себе има над 6 децении искуство работа на домашен и странски пазари, а дел од тоа искуство се однесува и на добрата организациона поставеност и структура што може да се адаптира. И иако велиме дека ништо од тоа не беше познато, искуството и добрата организациона поставеност ни помогна во брзо редефинирање на состојбите и приоритетите. Пред сè, не дозволивме да бидеме само пасивни набљудувачи на развојот на ситуацијата, напротив, имавме брза и навремена реакција. Првиот состанок на кризниот штаб на Бимилк се одржа на 10ти март, односно 8 дена пред прогласувањето вонредна состојба во земјата. Дефиниравме ефективна и системска реорганизација на целиот процес во компанијата. При секој нов чекор или менување на процедурите, императив ни беше обезбедување непречена достава. Во најдинамичните моменти, освен преку дистрибутивната мрежа, вршевме и директна достава до крајни купувачи, се со цел секаде, навремено и достатно да ги има нашите производи и граѓаните да не почувствуваат дека што било им недостига. Во овој процес две работи беа клучни и одиграа исклучително голема улога, вработените и нивната поддршка и подготвеност комплетно да се вклучат во процесот на адаптирање и како второ, компаниската деловна стратегија каде се дефинирани насоките на делување.

Имаше ли проблеми во извозот и пречки во доставата до странските пазари?

На самиот почеток кога одеднаш беа затворени сите граници, имаше момент кога нормалниот проток на стоки беше стопиран. Но, во тој момент институциите и државата реагираа соодветно и брзо ги обезбедија коридорите за непрекинат проток. Иако во нашиот случај станува збор за три пазари, сепак тие се многу значајни за нас, и брзата реакција беше клучна во одржувањето континуитет. Понатаму, непрекинатиот проток на производи зависеше, во главно, од моменталната ситуација со границите, соседните земји и нивните државни мерки и протоколи. Со релаксирањето на состојбите и нормалниот проток беше воспоставен, без да остави какви било последици.

Прехранбената индустрија сама по себе е специфична и бара голема исполнителност на високи и напредни стандарди но како и колку во тоа се вклопија и посебните протоколи и безбедносни и заштитни анти-ковид мерки? Дали беа направени големи преструктуирања и реорганизација на работењето и производниот процес?

Битолска млекара работи со веќе имплементирани исклучителни безбедносни стандарди. Во гарантирањето на безбедноста на производниот процес, сме бескомпромисни и ги применуваме сите нови заклучоци соодветно домашните и меѓународните стандарди. Во тоа не правиме никакви отстапки. Така што, на веќе воспоставена безбедна линија на движење на производот, не беше проблем да ги примениме и новите протоколи. Дополнително, со реорганизацијата и реструктуирањето, направивме адаптирање на нови модели на функционирање. Беа создадени заменски тимови, применивме одделување на работните тимови секаде каде што е тоа можно и слично. Ригидни безбедносни мерки беа воведени за вработените и посебно за луѓето кои работат на терен, заради нивната поголема изложеност на опасност. Дел од мерките, коишто беа докажано ефективни кај нас, им ги сугериравме и на нашите соработници како дел од колективната одговорност.

Во целиот процес на примена на новите мерки и протоколите, иако нашите интерните беа дури и  построги од пропишаните, наидовме на разбирање од сите наши вработени, надворешни партнери, кооперантите, фармерите со кои воспоставивме редовна, но безбедна комуникација.

Како во овој период течеа активностите на линија држава – бизнис, од една страна беа создадени мерки за стопанството, а од друга, како Битолска млекара со аконтативното плаќање на данокот ја помогна државата?

Државата од сам почеток на пандемијата покажа агилност и ангажиран одговор во секој општествен аспект, што не е за изненадување, затоа што тоа е улогата на институциите. Државата покажа слух за проблемите на стопанството, се обиде да ги антиципира последиците и реагираше соодветно. Особено помогна во најкритичните први моменти, со цел обезбедување коридори за непречен проток на репроматеријали. На самиот почеток на заеднички состанок ги ислуша нашите предлози како сите да се справиме со кризата, проблемите, слабите точки каде што мислевме дека може да доведе до проблем, и според тоа ги создаваше пакетите мерки за олеснување на стопанство, но и ургентните реакции за да не дојде до проблеми. Во овој аспект и стопанството ја одигра својата општествена улога со предвременото плаќање на данокот, нешто што многу компании го применија и беше еден момент на солидаризирање на компаниите со напорите на владата за што поефективен одговор на кризата.

Сепак, стопанскиот сектор е премногу широк и разновиден, така што тешко е да се создадат унифицирани мерки за толку различни потреби и барања. Уште, треба да го земеме предвид и фактот што никој не претпоставуваше дека кризата ќе трае толку долго. Станува збор за период од една година, што се уште не е завршен и последиците од измината година може да ги очекуваме и во следната година. Некои дејности, како услужните, проекциите за загубите им се во наредните 2 до 3 години, зависно од обемот, видот и околностите.

Една ваша кратка оценка како се снајде бизнисот воопшто и во кризна година?

Во економијата и без криза од ваков калибар нема готови рецепти, а не пак во оваа ситуација, каде што никој во светот нема претходно искуство во справување со криза од ваков вид.

Конкретно, во дадениов момент, состојбата во која се наоѓа македонската економија е тешка, но не го достигна оној степен на драматичност од кој се стравуваше на почетокот од пандемијата. Се разбира, зборувам за генерална оценка, зашто не се сите сектори на економијата подеднакво погодени од пандемијата. Но, ќе повторам, ниеден економски сектор нема да остане имун. Сите треба да сме спремни за долгорочно справување, зашто економската криза ќе има продолжен ефект доста време и по завршувањето на здравствената криза.

Многу добро е тоа што и покрај што инвестициската активност е намалена во однос на истиот период од минатата година, компаниите не ја запреа целосно, што дава надеж дека постои верба и спремност за опоравување.

И конечно, би ги споменал ризиците по ликвидноста во стопанството. Иако радуваат податоците на централната банка, кои покажуваат раст на депозитите на компаниите, во делови на економијата постои стравување од скорешно нарушување на ликвидноста. Тоа е уште еден индикатор за нерамномерниот удар на пандемијата врз одредени сектори на економијата. Оттука, многу е важно што финансискиот сектор останува стабилен и со добра капитализација за издржување евентуални удари и континуирана поддршка на економијата.

Каква беше улогата на компаниите во целиот овој период? Што беше она најбитното што Битолска млекара го постигна и го покажа во време на кризната ковид-19 година.

Како што веќе напоменав, една од ситуациите што се создаде и што произлезе од заедничкото справување со кризата е солидаризирањето на компаниите со општеството и граѓаните. Тоа беше самоиницијативен процес, поттикнат единствено од компаниската одговорност и секоја компанија според сопствените убедувања и можности. Ние, како Битолска млекара реагиравме така што ја помогнавме државата со предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка за тековната 2020 година во висина од 15 милиони денари. Вниманието ни беше насочено и кон јавниот здравствен сектор, така што издвоивме неколку донации за државните клиники, но исто така свесни дека локалните капацитети може да се соочуваат со недостаток од апарати и средства, издвоивме донација и за Клиничка болница Битола. Истовремено, според нашата проценка дека едни од најпогодените во кризната состојба ќе бидат граѓаните во социјален ризик, издвоивме производи и финансии за овие семејства. Ние, како компанија во овие три сегменти ја гледавме нашата општествена улога и таму ја насочивме нашата помош. Една компанија е вистински општествено одговорна ако има реален поглед на околината околу себе и свесност за состојбите, а со укажаната помош во повеќе наврати ние го докажавме тоа.

Какви се вашите планови за следната година?

Нова година, нови планови, нови предизвици, но ништо што ни следи нема да биде попредизвикувачко во споредба со претходната. Како што ни оваа година не отстапивме од нашите производни и инвестициски планови, така ќе продолжиме и следната. Ќе го правиме она што најдобро го знаеме, нови производи со врвен квалитет и уште поинтензивно работење на конкурентната предност. Во исто време, заедно со нашите партнери фармерите млекопроизводители, ќе предлагаме мерки и политики за унапредување на млечната индустрија, и ќе се залагаме за нивно прифаќање, што е наша улога соодветно на лидерската позиција на пазарот што имаме. И најважно од се, Битолска млекара ќе остане партнер и пријател на општеството и заедницата. Нашата одговорност и понатаму ќе биде активна и со тоа ќе ги поддржува вистинските, хумани и меѓучовечки вредности.(Фактор)