Република Турција и Руската Федерација во Истанбул потпишаа Договор за изградба на гасоводот „Турски поток“.Договорот беше потпишан по средбата меѓу претседателите Реџеп Таип Еродган и Владимир Путин, од страна на министерот за енергетика на Русија Александар Новак и министерот за енергетика и природни ресурси на Турција Берат Албајрак.
-Во услови на пад на цените на нафтата повеќе од двојно многумина зборуваа дека ерата на јаглеводородите оди кон својот залез, дека уште сега ќе треба целосно да се преориентираме на алтернативни извори на енергија. Мислам дека реални причини за такви далекусежни заклучоци засега нема. Во секој случај, засега, – изјави Путин, говорејќи на Светскиот енергетски конгрес во Истанбул.

PiE

Тој истакна дека високите цени на нафтата кои се држеа на пазарот последнава деценија, предизвикаа невиден прилив на инвестиции во овој сектор, што доведе до зголемена продукција и остар пад на цените.
Рускиот претседател исто така потсети на прогнозите на Меѓународната агенција за енергетика.
-По 20-30 години светот сѐ уште ќе остане јаглеводороден. А побарувачката на нафта и понатаму ќе продолжи да расте, – рече Путин.
Така, до 2040 година уделот на нафтата во потрошувачката на енергетски ресурси во светот ќе изнесува 26%, а на гасот 24%.
Покрај тоа, Путин изјави дека Москва ја поддржува иницијативата на ОПЕК за фиксирање на лимитите за производство на нафта и изрази надеж дека оваа мерка ќе даде „позитивен сигнал на пазарите и инвеститорите“.
Претседателот на Управниот одбор на рускиот енергетски гигант „Газпром“, Алексеј Милер, претходно соопшти дека со договорот се предвидува да бидат изградени две линии на гасоводот од Русија преку дното на Црното Море, до Турција.Според Милер, изградбата на гасоводот би требало да заврши до декември 2019 година.
Договорот предвидува и гасот што Русија ќе и го доставува на Турција да биде по пониска цена од пазарната.
Најавата за изградба на „Турски поток“ дојде откако пропадна проектот „Јужен Поток“, преку кој природен гас од Русија преку дното на Црното Море, требаше да се пренесува до Бугарија. Откако, овој план пропадна во 2014 година под притисок на ЕУ, „Газпром“, кој е носител на проектот за изградба на гасовод кон јужна Европа кој би ја заобиколувал Украина, ја промовираше идејата за „Турски поток“.
Меѓутоа, овој проект беше замрзнат по кризата во односите меѓу Москва и Анкара, поради соборувањето на рускиот воен авион од страна на турските вооружени сили над границата со Сирија во ноември минатата година.
Со нормализацијата на односите меѓу двете земји во текот на летово, започнаа да доаѓаат и најави за возобнова на проектот за изградба на „Турски поток“.
Предвидено е морската траса од гасоводот по дното на Црното Море да биде долга 910 километри, а копнениот дел да изнесува 180 километри, Изградбата на „Турски поток“ се проценува да чини 11,4 милијарди евра.
Со планот се предвидува и изградба на втора етапа од гасоводот, која од Турција би продолжувала кон Грција и потоа кон балканските земји и јужна Италија.
Таип Ердоган во обраќање на Светскиот енергетски конгрес во Истанбул изјави дека изградбата на втората етапа од гасоводот ќе зависи од условите на европскиот пазар за природен гас.