Првпат во последните десет години светот би можел да остане без руската пченица. Во позадината на „пченичната“ криза што се наѕира, низа клучни купувачи брзаат навреме да обезбедат резерви на оваа сировина.  – пишува агенцијата „Блумберг“.

Заради спречување на растот на цените на пченицата, Министерството за земјоделство на Руската Федерација уште пред еден месец предложи да се утврди привремена квота за нејзин извоз. На тој начин до 30 јуни од Русија е можно да се извезат најмногу седум милиони тони. Притоа веќе на 26 април во РФ квотата беше во полн обем исцрпена, а испораките на пченица во странство запрени. Забраната за извоз е на сила до први јули и новата жетва.

Во овој момент Русија продолжува со испорака само во четири соседни земји од поранешниот Советски Сојуз, наведува агенцијата. Како што се истакнува, ситуацијата во светот ја комплицира забраната за извоз на пченица воведена во неколку други земји. Тоа, според мислењето на стручњаците, претставува „закана со промени во глобалната трговија и предизвикува загриженост по повод недостатокот од храна и зголемување на цените“, наведува „Блумберг“.  

Многу земји, од Египет до Турција се обидуваат да го зголемат обемот на увоз, додека е сé уште можно. Сé до скоро доставувачите од Русија, која беше најголем извозник на пченица во светот, ја задоволуваа наведената побарувачка, но тие „врати брзо беа затворени“, како што пишува американската агенција.

Според мислењето на некои стручњаци, американските и европските испорачувачи на пченица би можеле новонастанатата ситуација да ја свртат во своја полза.(Руска реч)