Продолжува да се одржува високиот пораст на извозот на Република Северна Македонија во Руската Федерација.Во првите четри месеци тој пораст изнесува близу 40 отсто или поточно 39,6 отсто.Македонските компании на рускиот пазар пласирале стока во износ од 12,41 милион САД долари, додека лани извозот во истиот овој период изнесувал 8,89 милиони САД долари.
Вкупната размена на двете земји во овој период исто така бележи пораст од 8,6 отсто. Компаниите од двете земји до крајот на април истргувале стока во износ од 70,94 милиони САД долари, додека лани тој обем изнесувал 65,34 милиони САД долари.
Со многу пониска стапка пораснал увозот на земјава од Руската Федерација.До крајот на април од оваа земја е увезена стока во износ од 58,53 милиони САД долари (лани 56,45 милиони САД долари), што е раст од само 3,7 отсто.
Сепак, Република северна Македонија има значаен трговски дефицит во трговијата со Русија и во првите четри месеци тој изнесувал 46,12 милиони САД долари.
Македонскиот Државен завод за статистика објави дека вкупниот обем на трговската размена на Република Северна Македонија со светот до крајот на април изнесувал 5,44 милијарди САД долари.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – април 2019 година, изнесува 2,33 милијарди САД долари и бележи пораст од 6.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3,11 милијарди САД долари, што е за 5.1 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2019 година, изнесува 775,85 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – април 2019 година, изнесува 75.1 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – април 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.(С.П.)