Во континуитет продолжува растот на стоковна размена на Република С. Македонија со Руската Федерација и тоа во период кога драстично опаѓа вкупниот обем на трговија на земјава со светот. Македонските и руските компании за девет месеци меѓу себе истргувале стока во вредност од 158,8 милиони САД долари (лани во истиот период 134,2 милиони САД долари), што е раст од 18,3 отсто.Со повисок процент расте македонскиот извоз на големиот руски пазар. До крајот на септември компаниите во земјава пласира стока во вредност од 41 милиони САД долари (лани 34,4 милиони САД долари), што е пораст за 19,1 отсто.Од Руската федерација купена е стока за 117,7 милиони САД долари (лани до крајот на септември 99,8 милиони САД долари) и се бележи раст од 18 отсто.

За девет месеци Република С. Македонија има трговски дефицит во размената со Руската Федерација во висина од 76,7 милиони САД долари.

Русија во овој период е 17 трговски партнер на земјава.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, Република С. Македонија во периодот од јануари до септември 2020 година остварила обем на стокова размена со светот во вкупен износ од 10,6 милијарди САД долари. Притоа, македонскиот извоз на стоки  изнесувал 4,58 милијарди САД долари и бележи пад од 14.7 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувал 6 милијарди САД долари, што е за 12.9 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2020 година, изнесува 1,43 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2020, изнесува 76.0 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. 

Во периодот јануари – септември 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.