Обемот на стоковната размена на Република Македонија со светот до крајот на ноември 2018 година ја достигнал вредноста од 14,656 милијарди САД долари.Притоа, раст од 22,4 отсто бележел извозот од Македонија за 11-те месеци од минатата година во однос на тој период претходната година. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – ноември 2018 година, изнесувал 6,357 милијарди САД долари.
Вредноста на увeзената стока, во периодот јануари-ноември 2018 година, изнесувал 8,299 милијарди САД долари, што е за 18,8 отсто повеќе во споредба со тој период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2018 година, изнесувал 1,942 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – ноември 2018 година, изнесувал 76,7 отсто.
Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Најмногу се увезувале платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.
Во периодот јануари – ноември 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.( Државен завод за статистика)