Според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија обемот на стоковната размена со Руската Федерација до крајот на септември бележи опаѓање од 12,2 отсто.Во овој период двете земји меѓусебно истргувале стока во вредност од близу 129,5 милиони САД долари, додека лани тој износ бил 147,6 милиони САД долари.
Меѓутоа, во овој период македонските компании пласирале за 8,9 милиони САД долари повеќе стока на големиот руски пазар кој е под санкции од дел од меѓународната заедница.Извезени се производи за 32,2 милиони САД долари (лани 23,3 милиони САД долари) што е пораст за 38,4 отсто.
И увозот од Руската Федерација опаѓа за нешто повеќе од петтина (21,7 отсто).Македонските бизнисмени во Русија пазареле стока во вредност од 97,2 милиони САД долари (лани 124,3 милиони САД долари).
Со оглед на порастот на извозот и рапидниот пад на увозот, значајно е намален трговскиот дефицит на страната на Република Македонија во размената со Руската Федерација и во овој период тој изнесува 65 милиони САД долари (лани 101 милиони САД долари).
Инаку, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-септември 2016 година, изнесува 3,54 милијарди САД долари и бележи пораст од 6.3% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,9 милијарди САД долари што е за 6.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари- септември 2016 година, изнесува 1,42 милијарди САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-септември 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.