Американските и светските берзански индекси паднаа по веста дека на претседателските избори во САД победил Доналд Трамп. Во Русија ситуацијата е спротивна – расте вредноста на акциите на руските компании. Според експертите, од идниот претседател на САД се очекува укинување на санкциите и нормализација на односите со Русија.
На отворањето на Московската берза на 9 ноември 2016 година еден од најважните руски индекси ММВБ падна за 1.44%, односно изнесуваше 1.939,66 поени, додека индексот РТС (деноминиран во долари) опадна за 1.5%, односно на 958,33 поени, велат за „Руска реч на македонски“ од брокерската компанија Брокеркредитсервис.
Но, веќе напладне ситуацијата се смени – индексот ја надополни утринската загуба, а потоа порасна за 1.5-1.7%, односно на 2.000 поени. Сосема е спротивна тенденцијата на светските берзи кои бележат пад по веста за победата на Доналд Трамп. Според експертите, светските инвеститори се плашат од нестабилноста поради промената во внатрешната политика на САД, додека победата на Трамп на Русија може да ѝ донесе ублажување на режимот на санкции.
Прва реакција
Реакцијата на руските инвеститори ги следеше настаните со определено задоцнување. „Руските берзи беа отворени кога резултатите веќе беа објавени, и во тек беше корекција на американските индекси на нафтата, на златото, на доларот и на фјучерсите“, вели водечкиот аналитичар на групацијата ТелеТрејд Александар Егоров. Поради тоа реакцијата на руските индекси во рубли на почетокот беше воздржана.
Првата реакција на меѓународните инвеститори беше негативна поради определени точки на предизборната кампања на Трамп. „Со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД настапува период на неизвеснот на пазарот на хартии од вредност, и овој период ќе потрае“, тврди регионалниот директор на мрежата eToro во Русија и Заедницата на независни држави Павел Салас. Според него, непредвидливото однесување на американскиот милијардер ги принудува инвеститорите да се ослободат од различни активи и да се повлечат на „мирно место“, чекајќи да се искристализира ситуацијата.
Точките на предизборната економска програма на Трамп и негови определени изјави говорат дека тој ќе се залага за ограничување на надворешната политика со Кина, потсетува финансискиот аналитичар на компанијата Финам Тимур Нигматулин. Освен тоа, според него, присутен е и ризик за прекинување на преговорите со Европската Унија за формирање зона на слободна трговија. Ваквите иницијативи веќе во краткорочна перспектива можат да предизвикаат определено „заладување“ во светската економија.
„Имајќи предвид дека последната деценија на светската економија бележеше пораст благодарение на намалувањето на трговските бариери и пораст на конкуренцијата, може да се каже дека ваквите чекори на американската администрација секако ќе ја уназади економијата“, се сложува Дмитриј Днилин, стручњак од одделението за анализа на трговската компанија „Откритие Брокер“.
Долгорочна перспектива
Според аналитичарите, Русија, за разлика од Кина или од Економската Унија, ја доживува победата на Трамп како позитивна промена. На руската економија може да влијае ублажувањето или укинувањето на санкциите кои беа воведени пради украинската криза, вели Игор Кљушнев, началник на одделот за трговски операции на инвестициската компанија Фридом Финанс. Според него, со оглед на тоа дека Трамп е лојален кон Русија, тој веројатно нема да ги продолжи, а можеби ќе придонесе и за нивно што поскоро укинување.
„Укинувањето на санкциите, комплетно или во фази, е една од многуте варијанти за развој на ситуацијата, но засега е премногу рано да се зборува за реалиација на тоа сценарио, зашто основите што се споменуваат во врска со нивното укинување тешко дека ќе бидат исполнети скоро“, внимателно коментира Александар Егоров. Тимур Нагматулин потсетува дека Трамп во текот на предизборната кампања повеќе пати изјави дека треба да се воспостави дијалог со политичкото раководство на Русија.
Во секој случај, според Александат Егоров, категоричните изјави на Доналд Трамп како претседателски канидат ќе се разликуваат од конкретните чекори на Доналд Трамп како претседател на САД. „Јасно е едно: следната 2017 година ќе биде година на промени во светската економија, и тие ќе се одвиваат како резултат на Брегзит и под влијание на американската политика“, истакнува Нигматулин.