Руската централна банка најверојатно ќе ја намали основната каматна стапка на  8% на седницата во петокот, покажува истражувањето на агенцијата Ројтерс. Тоа ќе биде шестото намалување оваа година.
Дури 22 аналитичари и економисти велат дека очекуваат централната банка да ја намали стапката за 25 базични поени.
И пазарите се вклучија во оценката за уште едно намалување на основната каматна стапка, имајќи предвид дека  инфлацијата забавуваше со месеци. Растот на потрошувачките цени достигна рекордно ниско ниво во постсоветска Русија од 2,5% во ноември, што е под целното ниво од 4%, поставено од Централната банка.
Отфрлајќи ги повиците од страна на бизнисот  за  побрзо намалување на каматите, сепак,  регулаторот се придржува кон плановите за справување со инфлацијата, која пред помалку од три години беше на упорнотото високо ниво од 17%. За да ја држи инфлацијата под контрола, Централната банка презеде чекори на  постепено олабавување на монетарната политика и изјави дека нема да брза со намалувањето на каматите,  земајќи ги предвид ризиците инфлацијата повторно да се забрза.
-Не очекуваме промени во внимателен пристап кон монетарната политика, кои Централната банка систематски  ги применува во текот на последните неколку години, – вели Иван Чакаров, главен економист во Citi во Москва.
Повисоките каматни стапки значат дека земањето кредити е поскапо, но тие ги ограничуваат ризиците од висока инфлација. Покрај тоа, тие ја забавуваат обновата на руската економија по две години рецесија, поттикната од колапсот на цените на нафтата и западните санкции.
Овој месец руската Централна банка соопшти дека сегашните каматни стапки се доволни за да ги издржат можните шокови ако САД ги продолжат санкциите против Русија. Покрај тоа, очекувањата  ФЕД да ги  зголеми каматните стапки оваа недела би можеле да ја направат руската централна банка претпазлива.
Пазарите очекуваат регулаторот во Москва да продолжи да ја олеснува монетарната политика во 2018 година, така што каматната стапка ќе го  достигне нивото од 7,5 отсто во првата половина од годината.
Инаку, Банката соопшти дека планира да ги зголеми каматните стапки помеѓу 6,5 и 7% во 2019 година, откако ќе ја задржи годишната инфлација на околу 4%.