Укинувањето или ублажувањето на санкциите кои ѝ беа воведени на Русија ќе предизвика зајакнување на националната валута и забавување на инфлацијата, но воедно ќе предизвика и запирање на соработката со Кина и намалување на вложувањата во земјоделството.

Францускиот Сенат со мнозинство гласови донесе одлука со повик за олеснување на санкциите против Русија. Претходно за можно ублажување на санкциите зборуваа и претставници на Унгарија и на Италија. Згора на тоа, месецов на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум, кој се доживува како најважен економски настан во земјата, ќе учествува претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и италијанскиот премиер Матео Ренци. Како една од темите на нивната посета рускиот бизнис-весник „Комерсант“ ја најавува можноста за ублажување на санкциите.

„Руска реч на македонски“ поразговара со експерти за перспективите на руската економија доколку западните земји и Русија ги укинат или ги ублажат меѓусебните санкции.

  1. Зајакнување на рубљата

Кон крајот на 2014 година под притисок на надворешнополитичката затегнатост, Руската банка одлучи да премине на слободен курс на националната валута. Пред тоа курсот на рубљата се определуваше со помош на валутниот коридор што Централната банка го утврдуваше секојдневно.

По влегувањето на Крим во состав на Русија инвеститорите започнаа да ги повлекуваат своите средства од РФ, поради што рубљата беше под невиден притисок, објаснуваа во Централната банка. Притисок на националната валута врши и падот на цената на нафтата. Сè на сè, руската валута во однос на американскиот долар и на еврото изгуби околу 60% од својата вредност.

„Укинувањето или значителното ублажување на санкциите ќе доведе до зајакнување на рубљата благодарение на геополитичкиот ризик“, вели финансискиот аналитичар на групацијата „Финам“ Тимур Нигматулин.

  1. Забавување на инфлацијата

Падот на рубљата предизвика пораст на цената на извозната стока, а руските ограничувања на увоз на производи од Европа и од САД предизвикаа пораст на цената на стоката за широка потрошувачка. Првпат по низа години инфлацијата во Русија во 2015 година достигна двоцифрена вредност – изнесуваше 12.9%. Ова во голема мера беше предизвикано од ефектот на возвратни санкции на Русија, со кои се забранува увоз на прехранбени производи од земјите од Европската Унија, од Сад и од Австралија.

Враќањето на странската стока на рускиот пазар ќе помогне да се забави порастот на цените, тврди Тимур Нигматулин. Згора на тоа, според него, веднаш потоа ќе се зголемат и странските инвестиции на рускиот пазар.

Засега инфлацијата во Русија, според податоците од Државниот завод за статистика, изнесува 0.4% за мај, 2.9% од почетокот на годината или 7.3 на годишно ниво, соопштува руската новинска агенција ТАСС.

  1. Намалување на инвестициите во земјоделството

Благодарение на падот на рубљата и на намалувањето на извозот на руските компании им е овозможено да започнат производство во Русија во рамките на програмата за замена на увозната стока со домашни производи. Најголем успех е постигнат во земјоделството. Благодарение на девалвацијата, на поддршката од страна на државата и на заминувањето на конкуренцијата од пазарот поради воведеното ембарго, во 2015 година индустриското производство во овој сектор е зголемено за 3%. За споредба, во сите сектори на руската индустрија производството падна за вкупно 2.7%.

Доколку се вратат странските производители, нагло ќе се зголеми конкуренцијата на рускиот земјоделски пазар.

„Влијанието на пазарите и на економијата ќе зависи од тоа кога овие епохални одлуки ќе бидат донесени. Колку подоцна биде сторено тоа, помалку ќе се забележи позитивното влијание на валутата и на пазарите, како и негативно влијание на производството на стока која треба да ги замени увозните производи“, вели генералниот директор на аналитичкото здружение ThetaTrading Дмитриј Едерман.

  1. Прекин на соработката со Кина

Рускиот бизнис долго зависеше првенствено од западните компании. Главниот партнер на најголемата руска нафтена компанија „Роснефт“ која ѝ припаѓа на државата беше американската ExxonMobil. Овие две компании заедно подготвуваа проекти за експлоатација на нафта во епиконтиненталниот појас.

По воведувањето санкции обемот на соработката нагло опадна, а кај некои проекти е целосно запрена. На пример, во првото полугодие од 2014 година, кога Крим се присоедини кон Русија, руските нафтени и гасни компании позајмија од западните банки само 3.5 милијарди американски долари, што е за 82% помалку од годините претходно.

По меѓусебното воведување санкции помеѓу Русија и западните земји, беше планирано западните партнери да ги замени Кина, но излезе дека не е толку едноставно да се воспостават контакти со кинеските банки. Од големите руски компании само „Нориљски никељ“ привлече синдициран кредит во вредност од 4.8 милијарди јуани.

Доколку се отворат западните пазари за руските компании ќе можат прилично брзо да се вратат на пазарот на западниот капитал и ќе воспостават соработка со американските и со европските партнери.

Индикативно е што во мај 2016 година руското Министерство за финансии емитираше еврообврзници, и дека нивните купувачи главно беа од Велика Британија, а не од Азија. За волја на вистината, поради нив емисијата беше продолжена за еден ден.

  1. Пораст на надворешниот туризам наместо на внатрешниот

Геополитичките санкции и падот на рубљата ги поттикнаа поголемиот дел државјани на Русија (52%) да планираат одмор во руските одморалишта, со тоа што 15% решија да летуваат на Крим, соопшти агенцијата РИА Новости, повикувајќи се на податоците за рани резервации на компанијата Skyscanner.

За споредба, само 4% од руските државјани планираат одморот да го минат во Италија, во Бугарија или во Црна Гора – некогаш најпознатите туристички дестинации. Во случај на укинување на санкциите и на зајакнува на рубљата, Русите најверојатно ќе се вратат во европските одморалишта, предупредува Skyscanner.