Поради ограничувањата за увоз на домати Анкара одговори со високи царини за руското жито
Трговскиот конфликт меѓу Москва и Анкара доведе до остри несогласувања во Русија, пишува “Независимаја газета”. Коментарот е по повод одлуката на Турција да воведе 130-процентна царинска такса за произведените во Русија пченица и пченка, сончоглед и масло за јадење.
Одлуката на Анкара е одговор на дејствијата на Москва, која не ги укина ограничувањата за увоз на домати и други продукти произведени во Турција. Забраната за увоз на агропродукти од Турција дејствува од јануари 2016 година поради влошените политички односи.
Тие подоцна беа олеснети и меѓу двете земји почнаа да дуваат нови ветришта, па Москва дозволи увоз на голем број на производи, на пример, разни овошја и агруми, но не и на домати и краставици. Агенцијата истакнува дека Турција е вториот по обем, по Египет, увозник на руското жито. “Независимаја газета” го цитира рускиот министер за земјоделство, Александар Ткачев, според кого не е проблем да се најдат други купувачи на руското жито. Но, некои аналитичари сметаат дека постои ризик извозниците да загубат и до 500 милиони долари, а дел од зрното може и да изгние во складиштата.
Мелничарите и пекарите изнесуваат различни мислења. Според некои не се очекува катастрофа поради загубата на турскиот пазар и доколку во Русија останат 2 милиони квалитетна пшеница, сите ќе добијат. Според други, внатрешниот пазар не може да преземе дополнителни количества брашно и леб. Обемот на пазарот е ограничен и на него не може да се реализира поголемо количество од досегашното, тврди претставник на мелничарската индустрија. Според Игор Свириденко, потпретседател на организацијата на руските мелничари, во ваква ситуација е наивно да се очекува лебот да поевтини.