За своите досегашни залагања и исклучителниот придонес за соработката и пријателството меѓу двете земји, почесниот конзул на Република Финска во Република Македонија, Светозар Јаневски, доби високо одликување од финската држава, орден Витез од прва класа на редот на финскиот лав.
Одликувањето го доделува претседателот на Финска, а на Светозар Јаневски му го предаде амбасадорот на Република Финска за Македонија, Н.Е. Перти Иконен, на пригодна церемонија што се одржа во неговата резиденција во Белград.
-Големи се заслугите на господинот Светозар Јаневски за воспоставувањето на пријателските односи и соработката меѓу нашите две земји. Редот на финскиот лав го сочинуваат исклучителни личности кои го докажале своето лидерство во областите каде живеат и делуваат. Со целокупната своја работа и однесување, господинот Јаневски докажал дека не случајно е дел од овој престижен ред, –  истакна амбасадоторот Иконен.
Одликувањата од редот на финскиот лав се востановени во 1942 година. Тие се еден од трите видови одликувања што ги доделува претседателот на Финска. Конкретно, ордените од редот на финскиот лав се доделуват за воени и граѓански заслуги на истакнати личности за нивните исклучителни достигнувања. Ваквото високо одликување многу ретко се доделува на личности надвор од Финска.
-Да се биде дел од редот на финскиот лав за мене претставува голема чест, затоа што доаѓа од земја која докажала дека знае да ги препознае и соодветно да ги вреднува вистинските вредности. Би сакал да ја споделам заслугата за добивањето на овој орден со оние што постојано се со мене и ми даваат огромна поддршка во сѐ што работам, а тоа е моето семејство, како и моите соработници. Ова признание претставува најдобра верификација за нашите напори, како и дополнителен поттик во изнаоѓање начини како да ги приближиме двете земји, Македонија и Финска, да научиме нешто повеќе едни за други и да најдеме можности за соработка во сите општествени области, – рече Јаневски, забалагодарувајќи се за високото одликување.
Светозар Јаневски е почесен конзул на Република Финска во Македонија од 2005 година.Тој е претседател на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“, членка на Македонско-руската стопанска комора.