На денешен ден, пред точно седумнаесет години, на 25 март 2005 година пред пошироката македонска јавност беше промовирана Македонска Руска Стопанска Комора, во рамки на третата седница на меѓувладината комисија за трговско- економска и научно-техничка соработка.

Само една година претходно, група од неколку ентузијасти, сопственици на компании кои соработувале со Русија и кои имаа визија за идна економска соработка со Русија, користејќи го моментот на коморски плурализам и растечки тренд на создавање на мешовити комори, ја создадоа Македонска Руска Стопанска Комора.

Целта на нејзиното постоење ја видовме во обновување, продлабочување и проширување на економските односи помеѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација. Во сите изминати години бележевме раст и во бројот на членките, кој достигна 150 компании, меѓу кои и најголемите и најреспектабилните во земјава, но и во растот на трговската размена. Минатата година размената ја достигна бројката од 233,5 милиони САД долари, а македонските компании пласираа стока на овој голем пазар во висина од над 57 милиони САД долари, претежно земјоделски, фармацевтски и прехранбени производи. Рускиот пазар е исклучително значаен за пласирање на добар дел од пазарните вишоци на македонското земјоделие – раната зелка, праските, нектарините, јаболките. Но, секако,  и производите со кои се гордееме – квалитетното вино и ајварот.

Годинава, членките на Македонско – руската стопанска комора ги очекува неизвесност. Но, се надеваме на брзо завршување на руско – украинскиот спор и продолжување на бизнис релациите и трговската размена меѓу компаниите од двете земји!

                                                                                                   Ѓорѓи Дика

Претседател

Македонска Руска Стопанска Комора