Главната причина за дефлацијата е падот на цената на прехранбените производи, пред сè, на овошјето и на зеленчукот. Експертите очекуваат дека веќе во 2017 година инфлацијата ќе се намали на 4%, што ќе биде апсолутен рекорд во историјата на современа Русија
На почетокот на август во Русија за првпат во изминативе пет години е забележана дефлација, односно пад на цените на стоките за широка потрошувачка. Ова го потврдуваат податоците на државниот завод за статистика Росстат. На пример, во текот на првата недела од август цените паднале за 0.1%. Последен пат дефлација во Русија беше забележана во септември 2011 година. За споредба, во 2015 година инфлацијата изнесуваше 12.9%.
-Падот на инфлацискиот притисок за руската економија е добра вест. Ако сите останати параметри останат исти, инфлацијата на овој начин ќе дојде побргу на нивото од 4% во 2017 година, како што најавуваше Централната банка, – вели Тимур Нигматулин, финансиски аналитичар на групацијата Финам.
Централната банка на РФ имено со таа цел го воведе слободниот курс на рубљата кон крајот на 2014 година, предизвикувајќи пад на нејзиниот курс за 50% во однос на еврото и на американскиот долар.
Според руските аналитичари и оваа дефлација од 2016 година, како и онаа од пред пет години, има сезонски карактер.
-Во летниот период, по правило, цените на прехранбените производи паѓаат значително. Овошјето и зеленчукот поевтинуваат зашто на пазарот стасуваат годинашниве приноси, – вели Андреј Кочетков, аналитичар на брокерската компанија „Откритие Брокер“. Според него и поради сезоната на годишните одмори се намалува и побарувачката во големите градови. Во продавниците во тој период често се распродажбите и разни акции со чија помош купувачите се привлекуваат во текот на овие прилично пасивни месеци.
Странските инвеститори се враќаат во Русија
Но, падот на цените има и подлабоки причини. Важна улога игра сè помалата побарувачка на стока за широка потрошувачка, објаснува Михаил Подубски, аналитичар на групацијата Телетрејд. Според него, поради бруто националниот приход жителите на Русија не можат себеси да си го дозволат поранешниот животен стандард.
Сепак, и покрај сите ограничувања, дефлацијата е добра вест за рускиот пазар.
-Таа влева доверба во националната валута и би требало поволно да се одрази на економските активности, – вели Дмитриј Беденков, началник на аналитичкиот оддел на инвестициската компанија „Рус-Инвест“.
Според него, намалувањето на инфлацијата пред сè ја зголемува куповната моќ на потрошувачите со стабилни приходи.
Можна ли е инфлација од 4%?
Дефлацијата забележана на почетокот на август докажува дека Русија во текот на 2017 година може за првпат во својата историја да ја намали инфлацијата на 4%, вели Дмитриј Беденков. Според него ова во голема мета е постигнато благодарение на цврстата кредитно-монетарна политика.
-Каматните стапки на финансиските пазари се поголеми од 10% што ја ограничува можноста на стопанските субјекти кога станува збор за земање кредити, а воедно е и фактор кој придонесува за обновување на економскиот раст, – вели тој.
За населението ова е секако добра вест, зашто така ќе се поттикне зголемувањето на приходите и намалување на каматните стапки за кредитите вклучувајќи ги и хипотекарните, додава Тимур Нигматулин.
Од друга страна, Константин Коришченко, поранешен заменик-директор на Централната банка и шеф на Катедрата за пазари на хартии од вредност и финансиски инженеринг при Руската академија за народно стопанство и државна администрација, истакнува дека за инфлација од 4% е неопходно да скокнат цените на нафтата или Западот да ги укине санкциите што ги воведе за Русија.
-Многу пореално е да се очекува дека инфлацијата во 2017 година ќе се спушти на 5.5-6%, – вели Михаил Подубски.
Според него, со оглед на големата зависност на руската економија од увозот, големо влијание ќе има и курсот на рубљата. Колку ќе биде послаб курсот на руската валута, потешко ќе биде да се постигне посакуваниот показател на инфлација, додава тој.(Руска реч)