Компаниите ќе имаат последици од кризата, а еден од главните проблеми е доцнењето на враќањето на ДДВ-то, – ова го вели претседателот на Одборот на директори на „Витаминка“, членка на Македонска – руската стопанска комора во интервјуто за „Утрински весник“. Ви го пренесуваме целото интервју на човекот што ја содаде денешната прехрамбена индустрија „Витаминка“.


Господине Наумоски, политичката криза има влијание и врз економијата. Како „Витаминка“ се справува со предизвиците?

Ако менаџер на компанија не се снајде во кризна ситуација, тоа не е менаџер. „Витаминка“ секако ќе има последици од кризата, како и многу други компании во земјата. Првата поголема тешкотија со која се соочуваме е доцнењето на враќањето на ДДВ-то. Минатата година редовно имаше враќање на ДДВ. Во моментов чекаме поврат на ДДВ од над 35 милиони денари, па моравме да земеме кредит за тековно работење и одложивме некои плаќања по стасани обврски од инвестиции, што е непопуларно и невообичаено за „Витаминка“. На некој начин, привремено се справивме со проблемот, но до кога ќе биде вака? Нејасно е и не можеме да предвидиме што не’ очекува.

Вашата компанија е една од ретките кај нас која посветува внимание на развој на брендовите. „Стоби флипс“, „витанез“, „цевитана“, „атлантис“… се меѓу најпознатите производи на „Витаминка“. Која е формулата да се создаде бренд кој ќе биде препознатлив не само во земјата туку и во странство?

Бренд-производ не се создава преку ноќ. Тоа е долгогодишна макотрпна работа. Производот мора да е со врвен квалитет, но тој квалитет мора да се задржи секогаш. Промени во квалитетот не се дозволени. Никогаш не смее да се пушти на пазарот бренд-производ ако има минимална промена во неговиот квалитет. Подобро е тој да се запре и да се фрли, за потрошувачите воопшто да не го видат. Многу важен услов се и одличната амбалажа и постојаната реклама, како и никогаш да не се копира некој туѓ производ. За сите овие активности се потребни и многу финансиски средства.

Палетата на производи е многу широка, а 45 проценти од производството е за извоз. Кој е најпродаваниот производ кај нас, а кој во странство?

Наш најпродаван производ е „стоби флипс“ и на домашниот и на странските пазари. Потоа тука се чоколадите „атлантис“, кексот „фрути јафа дофт“, „цевитана“, мајонезот „витанез“ и „чоко стоби флипс“. Последниот производ се’ повеќе и побргу се пробива на странските пазари. Не се за потценување ниту интегралните кекси „деспина“, кексот „карамел“, кечапот „томато“, кој е врвен бренд на домашниот пазар. Мајонезот „витанез“ наскоро ќе има рок на траење од една година во однос на сегашните 6-9 месеци.

Неодамна добивте халал-стандард. Овој пазар се смета за еден од најбрзорастечките во светот, па и во регионот. Какви се вашите очекувања за „Витаминка“?

„Витаминка“ со добивањето на халал-стандардот веќе ги има речиси сите од светски бараните стандарди за квалитет. Остана уште кошер-стандардот, потребен за израелскиот пазар, на чие добивање се работи.

„Витаминка“ со современата технологија и со стандардите за квалитет може со своите производи да влезе во кој било пазар од светот.

Колкави се инвестициите на ова поле досега?

Инвестициите за примена и користење на стандардите се постојани. Тие се планираат секоја година. Не треба да се смета дека кога еднаш ќе се имплементира некој стандард, тоа ќе биде за долго и неодредено време. Таквото мислење е погрешно. За една компанија да биде присутна на странските пазари, секоја година е изложена на контроли за функционирање на стандардите, што бара постојани инвестиции кои не се занемарливи.

Производите на „Витаминка“ се продаваат во над 40 земји од светот. Имате ли планови да го зголемувате извозот?

Концепцијата на „Витаминка“ е постојано да се шири во што повеќе земји во светот и никогаш не запираме во нашите инвестиции на тој план. Деновиве веќе влегуваме на огромниот пазар во Иран. Тоа не се оствари преку ноќ. За тоа имаше многу контакти, дописи, преписи, усогласувања, многу макотрпна работа. Очекуваме наскоро за нашите производи да се отворат уште неколку пазари.

Под слоганот „Свет на вкусови“ се одбележува 60-годишниот јубилеј на компанијата. Планирате ли наскоро да ги изненадите купувачите со некој нов производ?

Од производните погони на „Витаминка“ секогаш треба да се очекуваат изненадувања во вид на нови производи. Наскоро ќе излеземе со нов висококвалитетен кекс, создаден од многу здрави интегрални житарки, потоа нов чоколадиран производ… На овој план нема да запреме никогаш.