Според месечната анализа на Државниот завод за статистика просечната нето-плата по работник во Македонија во април годинава изнесувала 22.356 денари, што е близу 364 евра и била за 2,8 проценти повисока отколку во истиот месец лани.

Во спортските, забавните и рекреативните дејности, каде што платите најмногу пораснале, во првите три месеци од годинава работниците во просек земале по 48.357 денари, или по околу 800 евра, додека пак во април, примањата им се искачиле до 124.475 денари, или над 2.000 евра. Индексот на раст, пак, измерен од статистичарите, од ланскиот до овој април е 668,8 проценти! Овие дејности спаѓаат во секторот уметност, забава и рекреација каде што во април имало најголемо зголемување на платите од просечни 30,7 проценти, што е пак главна причина за близу трипроцентното зголемување на републичката просечна плата.

Сепак, финансиите и осигурувањето, енергетиката и информациите и комуникациите и понатаму останувааат трите дејности каде работниците во континуитет се најплатени. Во финансиските дејности и осигурувањето е регистриран највисок просек на плати од 40.874 денари. Во дејноста снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација просечната плата достигнала 38.891 денари, додека пак вработените во информациите и комуникациите во просек земале по 35.503 денари.

Со најмали месечни примања останале вработените во објектите за сместување и сервисните дејности со храна, кои во април во просек добиле по 15.102 денари, а зад нив се земјоделците со 16.557 и работниците во преработувачката индустрија со 16.604 денари.

Инаку, во целиот сектор уметност, забава и рекреација, каде што има најголемо зголемување на салдата на вработените од цели 30,7 проценти, платите во просек достигнале 26.000 денари. Во истиот сектор, со спортот, забавата и рекреацијата каде што во април се поделиле просечни две илјади евра, се и коцкарниците и обложувалниците, каде што просечната плата едвај надминала 18.000 денари, библиотеките, архивите и музеите во кои вработените земале малку над 20.000 денари и креативните, уметничките и забавните дејности со просечна плата од нешто над 22.000 денари.

Поосетно зголемување на платите од цели 12,7 проценти имале и градежниците, но кај нив тие едвај надминале 21.000 денари. Градежната експанзија во изградба на капитални јавни инфраструктурни објекти, како што се патиштата е видлива токму преку платите на градежниците. Во градежништвото најголемо покачување на примањата имале работниците во нискоградбата, кое во однос на лани изнесувало над 27 проценти и донело просечна плата од близу 27.000 денари, што е стотина евра над просекот во секторот.

Двоцифрен раст на платите е регистриран и во секторот стручни, научни и технички дејности, каде изнесува 12,1 процент. Во овој сектор просечната плата изнесува 32,768 денари, со тоа што платите во правните и сметководствените дејности за 200 евра го надминале овој просек, а во управувачките дејности биле за 100 евра помали.

Околу 1,3 проценти од вработените или нешто околу десетина илјади работници во април воопшто не зеле плата.

– Десет одсто од домаќинствата во Македонија месечно располагаат со околу 100 евра. Нивен главен извор на приходи се пензиите, социјалната помош и дознаките од странство, овие податоци ги покажа најновата анкета на „Потрошувачката во домаќинствата во 2015“, која исто така ја објави Државниот заводот за статистика.

Оваа анализата, покажува дека разликите во расположливите средства на домаќинствата изнесуваат и повеќе од 11 пати и дека само 6,3 одсто од анкетираните домаќинства можат целосно да ги задоволат месечните животни потреби.

Спорeд анкетата на статистичарите, повеќе од 56 000 домаќинства годишно располагаат со 1278 евра, или само со 106 евра месечно.

Оваа група на домаќинства е практично најсиромашна, а анализата на изворот на расположливи средства покажува дека само 14,8 средства се остваруваат од работен однос, додека 44,4 одсто потекнуваат од пензии, а 14,5 проценти од социјална помош.

Наспроти оваа категорија, најбогатите македонски домаќинства годишно располагаат со 14.555 евра, или 1.212 евра месечно, што е безмалку 12 пати повеќе во однос на најсиромашните домаќинства.

Најновата публикација „Регионите во Република Македонија“, пак, покажува дека главниот град има најмногу жители, најмногу компании, најмногу вработени кои имаат и највисоки плати и најголема продуктивност.

Највисоки плати добиваат работниците од Скопскиот регион, просечните месечни примања во 2015 година изнесувале 26.861 денари. Сите останати се под државниот просек кој бил 21.906 денари.

Најниски примања има Источниот регион, платите се по 16.278 денари. Нешто подобро стојат Североисточниот и Југоисточниот, со примања од по 16.848 односно 16.946 денари. Во Вардарскиот регион просечната нето плата изнесува 17.402 денари, во Југозападниот 19.670, а во Пелагонискиот и Полошкиот 20.222 односно 20.620 денари.

Висината на платите е рефлексија и на продуктивноста на работниците. Најголем Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител има токму Скопскиот регион. Според најновите податоци, од 2013-та, изнесува 5.673 евра. Следуваат Вардарскиот регион со БДП по жител од 4.371 евра, Југоисточниот со 4.333, Пелагонискиот со 3.955, Источниот со 3.689, Југозападниот со 2.906 и Полошкиот со само 1.929 евра по глава на жител.

Според ДЗС учеството во БДП по региони е: Скопски 3.475.040.650 евра (42.6%), Пелагониски 919.186.991 евра (11.3%), Југоисточен 751.398.373 евра (9.2%), Вардарски 670.894.308 евра (8.2%), Источен 657.707.317 евра (8.1%), Југозападен 640.292.682 евра (7.8%), Полошки 613.577.235 евра (7.5%), Североисточен 432.731.707 евра (5.3%). Вкупниот БДП на Македонија изнесувал 8.160.829.263 евра (100%).

Најголем дел од македонскиот извоз (54.4%) е резултат на активноста на фирмите во Скопје, а најмал (само 0.9%) излегува од Североисточниот регион.

Најголем проблем со невработеноста има во Североисточниот регион. Таму во 2015 година стапката изнесувала 43.2%. Следуваат Југозападниот регион со 33.9%, Полошкиот со 29.6%, Скопскиот со 25.7%, Вардарскиот со 24.5%. Под државниот просек кој изнесувал 26.1% се единствено Источниот регион со стапка на невработеност од 17.5% и Југоисточниот со 16.7%.

Скопскиот регион предничи и по бројот на активни компании – на крајот од минатата година имало 26.197. Следуваат Пелагонискиот со 8.071, Полошкиот со 7.554, Југозападниот со 7.127, Југоисточниот со 5.889, Источниот со 5.692, Вардарскиот со 5.470 и Североисточниот со 4.139. На ниво на целата земја има 70.139 деловни субјекти.