Винарската визба „Тиквеш“, членка на Македонско-руската стопанска комора,   соопшти дека ги исплатила сите обврски кон лозарите за откупеното грозје од минатогодишната берба.
Винарницата на индивидуалните лозари и на правните лица, без капитално поврзаните субјекти, за преземеното грозје од 2018 година им исплатила над 345 милиони денари. Откупените количини грозје надминале 28 милиони килограми.
– Во бербата 2018 откупивме квалитетно грозје од дури 36 сорти што ќе ни овозможи да продолжиме со иновациите во нашето портфолио. Ова е од особено значење за понатамошниот деловен развој. И годинава, во предвидениот рок ги исплативме финансиски нарочните обврски кон лозарите, – нагласува генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.
Од „Тиквеш“  посочуваат дека низ годините развиле долгорочна соработка со лозарите, физички и правни лица со постојана едукација и поддршка при примена на современи агротехнички методи и практики во одгледување и заштита на лозови насади. На лозарите кои ги почитуваат ваквите стручни совети и упатства „Тиквеш“ им го гарантира откупот на грозјето со висок квалитет и им обезбедува дополнителен бонус при исплатата на грозјето.