Во првите два месеци од годинава  стоковната размена на Република Северна Македонија со Руската Федерација бележи високи бројки на раст. До крајот на февруари вкупниот обем на тргувањето меѓу двете земји изнесува 49,36 милиони САД долари (лани во истиот период 35,93 милиони САД долари) што е скок од 37,4 отсто.Притоа, македонските компании на овој пазар пласирале стока во вредност од 7,12 милиони САД долари (лани 5,66 милиони САД долари), што е раст за 25,9 отсто.Висок раст е забележан и кај македонскиот увоз од  Русија од 39,5 отсто – вредносно тој изнесува 42,24 милиони САД долари (лани до крајот на февруари 30,27 милиони САД долари).

Во трговијата со Русија  во овој период земјава бележи и висок трговски дефицит во износ од 35,11 милиони САД долари.Русија  во овој момент е на 15 место во трговската размена на земјава со светот.

Инаку, во првите два месеци од годинава земјава бележи вкупен обем на трговска размена со светот во износ од 2,51 милијарди САД долари.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари-февруари 2020 година, изнесува 1,07 милијарди САД долари и бележи пад од 0.2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1, 44 милијарди  САД долари што е за 1.4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во перидот јануари-февруари 2020 година, изнесува нешто над  367 милиони САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари-февруари 2020, изнесува 74.5%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-февруари 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.