Во првите пет месеци од годинава С.Македонија остварила обем на размена со Русија во висина од 75,28 милиони САД долари.Притоа, македонските компании извезле стока  на овој пазар во висина од 25,65 милиони САД долари. Македонскиот увоз од оваа земја е речиси двојно повисок од извозот и изнесувал до крајот на мај 49,63 милиони САД долари.

Во овој период С.Македонија бележи трговски дефицит во размената со Русија во висина од 23,98 милиони САД долари.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, земјава за пет месеци остварила обем на трговска размена со светот во износ од нешто над 8 милијарди САД долари.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2021 година, изнесува 3,40 милијарди САД долари и бележи пораст од 58.2 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,61 милијарди САД долари што е за 52.9 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – мај 2021 година, изнесува 1,21 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – мај 2021 година, изнесува 73.7 %. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се застапени најмногу другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и  нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Во периодот јануари – мај 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.