Трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација минатата година застанала на бројката од 233,5 милиони САД долари.Добрата вест е што размената меѓу двете држави бележи пораст од 12,4 отсто и е повисока за 25,7 милиони САД долари отколку во 2020 година (207,7 милиони САД долари).Неповолната вест за земјава е што размената пораснала благодарејќи на зголемениот увоз, што придонел за пораст на трговскиот дефицит на страна на Република Северна Македонија во размената со оваа земја.

Македонските компании извезле стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони САД долари (во 2020 година  60,3 милиони САД долари), што е пад од 5,4 отсто или вредносно за 3,2 милиони САД долари помалку од преклани.Притоа, увозот пораснал за 19,7 отсто.Од Русија е купена стока за 176,3 милиони САД долари (во 2020 година 147,3 милиони САД долари).

Во 2021 година Република Северна Македонија достигнала трговски дефицит во трговијта со Русија во висина од 119,2 милиони САД долари.

Руската Федерација е 20-тиот трговски партнер на земјава.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, Република Северна Македонија лани достигнала трговска размена со светот во висина од 19,5 милијарди САД долари.Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2021 година, изнесувал 8, 18 милијарди САД долари и забележил пораст од 23.4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувала 11,3 милијарди САД долари, што е за 30.8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2021 година, изнесувал 3,2 милијарди САД долари.

 Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2021 година, изнесувала 71.8 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1  и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав и   керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – декември 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.