ТУРСКО-РУСКИОТ КОНФЛИКТ ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА

*Вакуумот во односите меѓу двете страни, Македонија може да го искористи за да ги продлабочи бизнис-врските и за засилен пласман на производи на милионскиот пазар

Прекинувањето на соработката меѓу руските и турските компании по влошувањето на политичките односи меѓу двете земји, Македонија и другите земји од регионот може да го искористат за да ги продлабочат бизнис-врските со Русија и со Турција и за засилен пласман на производи на овие пазари. По новонастанатите состојби на пазарот поради актуелните односи меѓу Руската Федерација и Република Турција, претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, смета дека се создаваат дополнителни можности за зголемена економска соработка меѓу Македонија и Русија. Бешлиев вели дека во таа насока тие веќе  конкретно преземаат зафати преку засилување на контактите на македонските со руските компании.

– Процената на нашата деловна асоцијација е дека особено се зголемуваат можностите за зголемен пласман на земјоделски прехранбени производи, во областа на конзервната индустрија, млеко и млечни производи и месо и месни производи – истакна Бешлиев.

Тој додава дека за таа цел неодамна организирале неколку семинари и присуство на руски експерти од областа на законската регулатива и стандардизација за настап на македонските производи на рускиот пазар.

– Со тоа Македонско-руската стопанска комора активно се вклучи во помошта на домашните компании во подготовка за зголемен извоз на големиот пазар. Исто така во организација на оваа стопанска комора, а врз основа на програмата за поддршка на саемски манифестации на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Македонија во текот на февруари, шест македонски компании со дваесетина претставници учествуваа на саемот „Прод експо 2016“ – вели Бешлиев.
Тој појаснува дека компаниите биле од две области производители на вино и на млеко и млечни производи, а дека забележлив бил драстично зголемениот интерес на руските компании за купување македонски производи.

– За илустрација, винарницата „Стоби“ значително ќе го зголеми извозот на вино на овој пазар, а и другите македонски компании ги продолжија постојните и воспоставија контакти, па се очекува годинава значително да порасне извозот и во тој сегмент – објаснува Бешлиев.
Според него, оваа комора проценува дека има исклучително добри можности и во областа на туризмот, бидејќи руските туристи што традиционално престојуваа во Република Турција се во потрага по нови дестинации.

Инаку, српска „Политика“ го пренесе ставот на Давид Вартанов, претседател на организацискиот одбор на саемот за земјоделство „Експо Русија-Србија 2016“, кој ќе се одржи третпат, од 16 до 18 март, во Белград, кој вели дека поради прекинување на контактите на Русија со Турција, сега руските фирми повеќе се насочуваат кон поголема соработка со компаниите од Србија.

На годинешната средба на саемот на стопанствениците од Србија и Русија се очекува да присуствуваат околу сто претставници на руски компании во областа на енергетиката, транспортот, воздушниот и железничкиот транспорт, градежништвото, земјоделството, индустријата, нафтата и гасот, фармацевтската индустрија, телекомуникациите, туризмот и банкарството. Претставниците на големите руски трговски синџири се заинтересирани за соработка со српските производители на храна.
– Се работи за обединување на нивната понуда со основачкото собрание на дистрибутивни центри – истакна советникот на претседателот на ПКС, Вељко Јовановиќ.

Вартанов нагласи дека на Русија ѝ се потребни компании со искуство за изградба на спортски објекти и згради што ќе се користат за светското првенство што ќе се одржи во Русија во 2018 година. Тој вели дека Русите се заинтересирани за српските бањи и зимски туристички центри, но нивната понуда сѐ уште не е позната.

– Можност да се воспостави поблиска соработка меѓу претставниците на српските туристички центри со руските туристички агенции ќе биде претстојниот состанок во Москва – изјави заменик-директорот на трговското претставништво на Русија во Србија, Дмитриј Трубајчук.

Тој исто така најави и работа за српските производители на делови за автомобилската индустрија.
– Се работи за испитување на можностите за српските компании што произведуваат автомобилски делови за руски компании, како што се „Ваз“, „Камаз“ и други – напомена Трубајчук.

Според Марјан Божовиќ, економски советник на српската амбасада во Русија, руската автомобилска индустрија е во потрага по партнери во Србија по престанокот на соработка со производителите од Турција. Тој појасни дека српските производители на делови може да ја пополнат празнината во рускиот пазар по престанокот на соработката со компании од Турција.

Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руска стопанска комора за „Нова Македонија“