Последниве години фабриката АвтоВАЗ поминува низ тежок период, но новиот директот на компанијата, Французинот Никола Мос, во интервју за Газета.Ru сепак стави на знаење дека претпријатието ќе се врати на претходните позиции, дека ќе стартува производство на нови модели и ќе стане профитабилно до 2018 година.
-Секако, тоа ќе зависи од курсот на рубљата и на другите валути. Доколку пазарот биде во подобра кондиција, тогаш ќе можеме да го постигнеме тоа, – прецизираше Мор.
Прогнозата на Мор за 2017 година не е многу оптимистичка. Тој прогнозира дека следната година во Русија ќе бидат продадени 1.3 милиони автомобили. И Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација се ориентира на слични показатели.
Како што нагласува Мор, АвтоВАЗ планира во 2016 година да продаде нешто повеќе од 420.000 автомобили. Освен тоа, компанијата планира оваа година да задржи 20% од пазарот во сегментот на политички автомобили.
Аналитичарот на компанијата „Алор Брокер“ Кирил Јаковенко е уверен дека плановите на АвтоВАЗ за профитабилност до 2018 година се сосема реални.
-Конкуренцијата на АвтоВАЗ во просек на секои три години ја обновува линијата на своите модели и прави рестајлинг, така што и овој автомобилски гигант ќе мора да се приспособи на пазарот или да стави клуч на фабриката. Повеќето руски компании што настанале во времето на СССР боледуваат од недостиг на желба за вложување во процесот на непрекинат развој. Не може да се направи еден добар автомобил и да се ‘штанцува’ со децении на пазарот зашто конкуренцијата нема да седи со скрстени раце, – смета Јаковенко.
Според него, АвтоВАЗ има пристап до технологии и резерви на производствени капацитети. За волја на вистината, има и долгови, но тие не би требало да бидат пречка за реализација на приоритетните инвестициски програми насочени кон ширење на внатрешниот пазар и развојот на извозот, смета експертот.
Извоз и намалување на трошоците за производство
АвтоВАЗ планира во текот на 2016 година повторно да започне со извоз на своите автомобили. Како што вели Мор, сè уште не е формулирана конечната стратегија на извозот, зашто сега е најважно компанијата да ја регулира испораката на автомобили во земјите од поранешниот СССР, а дури потоа да се посвети на останатите правци.
Се споменуваат околу 30 земји во кои може да се извезува Лада. Тоа се државите од Блиски Исток, а исто така и Африка, кадешто за производите на руската автомобилска индустрија постои заинтересираност.
-АвтоВАЗ имаше големи амбиции во врска со извозот, но тие засега не се остварени“, признава Мор. -Поради проблемот со Украина запрен е извозот во оваа земја, додека Казахстан го развива локалното производство. Уште потешко е да се излезе на европскиот пазар. Тој е технички попребирлив зашто моторите мораат да користат гориво кое го исполнува стандардот ‘Евро 6’, а тука се и логистиката и хомологацијата.
Доколку негативната динамика на продажба на автомобили на домашниот пазар потрае, производството во следните година и пол – две, благодарение на извозот ќе може да остане на моменталното ниво, а можно е и негово зголемување“, смета Кирил Јаковенко. „Најважната цел на АвтоВАЗ е пазарот на Средна Азија, но постои шанса Лада да се извезува и во Источна Европа и во Латинска Америка“.
Лада не е бренд, Лада е легенда
Ова мислење го дели и аналитичарот на IFC Markets Дмитриј Лукашов:
-Економската рецесија сега не се забележува само во Русија, туку и во поголемиот број земји во развој, што резултира со поголема побарувачка на пристапни патнички автомобили и бизнис-возила со евтини резервни делови. Порастот на извозот за 20-25% во следните две години е за АвтоВАЗ сосема остварлива задача доколку правилно се пристапи на маркетингот и на формирањето цени.
Мор се надева дека трошоците за производство на автомобили ќе бидат намалени за 20%. Ова треба да го овозможи јапонската стратегија Monozukuri. Таа подразбира пооптимален дизајн и штедење на материјал. На пример, на некои места во автомобилите може да се користи пластика наместо алуминиум.
До 2025 година АвтоВАЗ има намера на пазарот да исфрли 8 нови и да направи рестајлинг на 8 постоечки модели. Како што објаснува Мор за Газета.Ru две нови возила ќе се појават во продажба кон крајот на 2019 година. Едно од нив ќе биде караванот Lada Vesta Cross.(Руска реч)