Македонската бизнис делегација која е во посета на Руската Федерација во рамки на отварањето на „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва имаше свечен прием во Московската стопанска комора. Притоа, македонските деловни луѓе присуствуваа на потпишување на Договор за соработка меѓу Московската стопанска комора и Македонска-руската стопанска комора, како и Македонскиот изложбено – трговски дом. Под овој документ за соработка своите потписи ги ставија Владимир Платонов, претседател на Московската стопанска комора и Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора и Инна Жарова директор на „Македонски дом“. На чинот на потпишувањето присуствуваше и Н.Е. Гоце Карајанов, амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.

Komora6

-Московската стопанска комора е сеопфатен центар за претприемачите и бизнисмените, во кој тие можат да ја добијат неопходната поддршка за реализирање на своите деловни идеи. преку договорот со Македонска руска стопанска комора и за македонските бизнисмени нејзините врати се отворени и ќе може да добијат секакви информации и помош при нивниот настап на рускиот пазар, – истакна Владимир Платонов. – Какво значение и се придава на Комората зборува фактот дека комплетната нормативно-правна рамка за водење на бизнис се донесува со учество на членките на Московската стопанска комора.

Komora Moskva1

Од македонската страна беше споменато дека се прават сериозни напори за зголемување на соработката со Руската Федерација, особено во делот на агрокомплексот и прехрамбената индустрија.

Komora Moskva3

-Македонија е една од не многу земји кои не воведоа санкции кон Руската Федерација. Тоа придонесе меѓусебната размена лани да ја достигне бројката од 200 милиони долари и тоа е потенцијал кој и натаму ќе се зголемува, бидејќи условите за бизнис во Русија се дефинирани и стабилни, – порача Дејан Бешлиев по потпишувањето на Договорот за соработка во Московската стопанска комора.