За пет години од 2012 до 2016 година цените во Русија пораснале за 50%. Така на закажана за септември средба на G20, руската економија ќе биде во улога на грдото патче, пишува домашната „Независимаја газета повикувајќи се на податоци од државната статистичка служба Росстат.
Според изданието, за последните пет години земјата забележува многу високи стапки на инфлација и истовремено ниски стапки на економски раст.
При владеењето на Дмитриј Медведев, руската економија порасна за 1%.
Весникот забележува дека државната статистика ја споредува земјата со големите светски економии и според податоците во јуни, во Русија инфлацијата на годишно ниво е 7,5%. За истиот период цените во Бразил растат со 8,8%, во ЈАР со 6,5%, а во Индија со 6,1%.
Сепак, како целина Русија е апсолутен лидер по раст на потрошувачките цени. Од 2012 до 2016 година цените растат со 50%. Во Бразил за овој период растот е 41%, во Индија – 45%, во ЈАР – 32%. Во Франција, Јапонија, Германија и Италија за последните 5 години акумулираната инфлација не надминува 5%.
Некои експерти го поврзуваат растот на инфлацијата со тековната транзиција од планираната економија кон пазарна.
Други пак, како професорот во Академијата на народното стопанство, Сергеј Хестанов, тврдат дека високата инфлација е последица од производите во количката на просечниот потрошувач, од кои една третина се увезени стоки. Така при девалвацијата на рубљата се забележува значителен пораст на цените. Влијание имаат и тарифите на природните монополи.
Весникот забележува дека во крајот на вториот квартал на 2016 година, економијата на Индија расте со 8% на годишна основа. За овој период руската економија се намалила за 0,6%.
За пет години БДП на Индија пораснал за 39%, а на Русија – само со еден процент.
Полошо од Русија по раст на БДП се испоставува Бразил каде има процес на импичмент на претседателот. На крајот на петгодишниот период бразилската економија отстапувала со 3,8%.
За пет години во Русија е остварен раст на индустриското производство за 2,3%. На крајот на првото полугодие индустријата расте со 0,4%. За споредба, индустрија на Италија на крајот на првото полугодие се зголемила за 0,8%, а во Бразил е забележано намалување од скоро 10%.
Невработени се 5,4% од економски активните руски граѓани во јуни 2016 година. Во исто време во Италија невработените се 11,6%, во Франција 9,9% и во Канада 6,8%.
Некои економисти го објаснуваат ниското ниво на невработеност во Русија со тековната рецесија и активниот раст на неформалниот сектор, пишува весникот повикувајќи се на експерти од британската компанија Capital Economics.
Економистите, сепак, очекуваат раст на БДП во 2017 година и во Русија (1-2%), и во Бразил, забележува Независниот газета цитирајќи проценки на Moody’s.
Американски „Блумберг“, пак, оценува дека активностите на меѓународните инвеститори кои играат на порастот на курсот на руската рубља и на други руски активи, се мерило за нивниот очај. Дури и гласиштата за подготовка на голема акција на Русија во Украина се покажуваат скоро неосновани, во руската економија нема ништо кое може да поттикне бум на активите и е само прашање на време кога централната банка на Русија ќе биде принудена да ја ослаби националната валута, проценува американската агенција.
Од почетокот на годинава, рубљата беше трета на списокот на валути кои носеа најголем профит за кери трејдерите, кои земаат на заем американски долари за да купуваат обврзници во други валути.
Варијациите на курсот на доларот се совпаѓаат со колебањата на цените на нафтата, што пак е целосно нормално кога Русија е најголемиот извозник во светот на енергетски ресурси, но успева веќе долго време да се задржи на површината кога цените на нафтата паѓаат. Последниот таков период започна на почетокот на јули.
Дејствијата на кери трејдерите се главната причина сега руската валута да ги зајакнува своите позиции. Набљудувачи се обидуваат да го откријат сигналот за тоа дека руската економија, која е во рецесија веќе втора година, веројатно ќе почнува да заздравува. Но, тоа тешко може да се определи како реална причина за зајакнување на рубљата. Во второто тримесечје на годинава, обемот на БДП на Русија опаднал за 0,6 проценти, што е помалку од очекувањата на повеќето аналитичари, за пад од 0,8 отсто. Во споредба со истиот период минатата година, во Русија беше забележан благ пораст на потрошувачка на електрична енергија и на обемот на транспортираните товари. При сето тоа, варијациите едвај можат да се прифатат како сигнал за заздравување. Со извештаите за сезонските фактори во второто тримесечје, индустриското производство малку опаднало. Трговијата на големо и инвестициите останаа под нивото од минатата година.
Владата на Русија не направи ништо за да го стимулира економскиот раст: не ја поттикнуваше потрошувачката, не ги зголеми расходите, не ги олабави законите, ниту пак ја зголеми заштитата за инвеститорите. Централната банка, пак, не побрза да ги намали каматите на кредитирањето. На крајот на јули, нејзиното раководство одлучи да ја остави флуктуирачката камата на ниво од 10,5 проценти, што им овозможи на кери трејдерите да продолжат да трупаат високи приходи, но од друга страна им отежни на бизнисите да дојдат до средства за инвестиции. Оваа година основната камата беше променета само еднаш, во јуни, кога од 11 беше намалена на 10,5 проценти.- оценува „Блумберг“.
Централната банка го фокусирала вниманието кон инфлацијата. Според нејзини прогнози, следната година нивото на инфлацијата треба да падне под прагот од пет проценти. Тоа е благородна цел, која всушност не баш одговара на потребите на владата. Буџетот за 2016 година е пресметан при цена на нафтата не помала од 3.150 рубљи за барел, или 48,75 долари по сегашниот курс. Во првата половина од годинава, цената на руската нафта просечно била 37,80 долари за барел, што значи дека во буџетот се создал многу поголем дефицит од очекуваниот, кој треба да биде покриен. Освен тоа, постојат и ризици заради намалувањето на извозот и на ненафтените стоки заради претерано високиот курс на рубљата.
На крајот на јули, економскиот советник на Путин, Андреј Белусов, кој силно верува во стимулите на фискалната политика, се пожали дека рубљата станала премногу силна и претседателот Путин исто така, како ехо, изрази загриженост по тој повод, но очигледно не доволно за централната банка да почувствува неопходност да реагира. Всушност, централната банка даде изјава дека не планира да ја ослаби рубљата.
Централната банка би можела да и помогне на владата ако започне да купува долари на отворениот пазар, за да ги зголеми златно-валутните резерви. Во извесна мера таа и го прави тоа: годинава, обемот на резерви на злато и валути постепено растеше. само што тоа е недоволно за да се создаде отпор на притисокот кои го прават кери трејдерите.
Во Русија има многу аналитичари кои ќе ви кажат дека рубљата е праведно проценета. Зависноста на Русија од извозот на нафта малку се намали кога цената на црното злато падна. Годинава Русија стана најголемиот извозник на пченица. Нејзиниот земјоделски сектор имаше корист од ембаргото на увоз на западни прехранбени стоки и од значително нискиот курс на рубљата минатата година. Економијата на Русија сега со сигурност е постабилна отколку во периодот на поевтинувањето на нафтата и непосредно по анектирањето на Крим. Инвеститорите веќе се навикнаа на сегашната ситуација во Русија: таа не е ниту изолирана парохија, ниту пак е економски центар. Таа е земја која е целосно погодна за трговија, додека каматите се негативни во посигурните прибежишта.
Веројатно тоа е грешка. Руската економија е приклештена во менгеме. Путин не е подготвен да дозволи поголема економска слобода или да почне распродавање на голем дел од суровинската економија на Русија. Приватизирањето на делови од нафтени компании што според плановите треба да покрие дел од буџетскиот дефицит за годинава, не оди толку мазно колку што се очекуваше.
Путин е зафатен со промените внатре во неговиот тим: неодамна тој покажа дека е подготвен за смени некои свои стари другари и другарки, и да назначи на клучни позиции нова генерација бирократи, од кои повеќето се поранешни офицери од силите за безбедност… Кога станува збор за економијата, Путин изгледа не е во ситуација да примени било каква промена во бетонираниот систем кој тој го изгради…
Тоа значи дека владата и централната банка во краен случај ќе бидат принудени да го намалат курсот на рубљата, и така буџетскиот дефицит ќе биде покриен, – закључува „Блумберг“.