Руската централна банка деновиве ја намали клучната каматна стапка за половина процентен поен, на 10 отсто, првпат од јуни, во рамките на настојувањата да се поттикне подзастанатата руска економија.
Централната банка соопштува дека одлуката е донесена на основа на намалените инфлаторните очекувања и нестабилната економска активност. Се напомнува, исто така, дека нема намера дополнително да се намалуваат каматите пред почетокот на следната година.
Стапката на инфлација во Русија се намали на 6,6 отсто во септември годинава во однос на 7,2 во јули. Централната банка тоа го припишува на промената на трендот на поповолните надворешни економски услови отколку што се очекуваа.
-Според процените на централната банка, за ваквиот тренд да се преточи во постојан надолен тренд актуелната стапка на инфлација би требало да се задржи до крајот на 2016 година, со можност за намалување во првата половина од идната година, – се наведува во соопштението.
Руската економија, која инаку силно се потпира на извозот на енергија, во моментов минува низ најдлабоката рецесија во последните 16 години, или откако на власт дојде Владимир Путин, поради ниските цени на пазарот и западните санкции воведен поради наводната улога на Русија во судирите во Украина.
Куповната моќ на просечниот Русин е во опаѓање во контекстот на слабеењето на руската рубља којашто од 2013 година загуби речиси половина од вредноста. Оттаму, тамошната централна банка е особено претпазлива, стравувајќи од инфлацијата и предвидувајќи нејзино намалување до 4,5 отсто до септември 2017 година, и на 4 отсто до крајот на следната година.
Кога станува збор за вкупните економски активности, во руската централна банка предвидуваат можно враќање на растот на бруто домашниот производ (БДП) до крајот на оваа година, по 3,7-процнетниот пад во 2015 година.
Генерално, Руската централна банка успева да ја заштити репутацијата, бидејќи како што изгледа ќе успее да ги врати инфлацијата на ниво од 4% до крајот на 2017 година. Потрошувачките цени запишаа повисок раст четврта година по ред од 2015 година Но, ниската база за споредба од минатата година постепено исчезнува, па централните банкари на чело со гувернерот Елвира Набиулина, предупредија дека фискалната несигурност и зголемувањето платите во земјата може повторно да ја поттикнат инфлацијата.
Пјотр Матис, монетарен стратег во Rabobank во Лондон, очекува ризик од непотребен прилив на капитал, испровоцирана од атрактивноста на рубљата кај т.н.. carry trade, бидејќи е очигледно дека банката не сака да го намалува каматите многу агресивно. Наједноставната дефиниција на стратегијата, популарна како “carry trade”, е земањето на заем во валута со пониска каматна стапка и инвестирањето на средствата во валута со повисока каматна стапка. На овој начин инвеститорот остварува профит од разликата помеѓу двете каматни стапки без да вложува сопствени средства.
Стратегијата да се купува руска валута со позајмени долари, обезбеди поврат со заработка од над 21% во оваа година, што е најдобар резултат по Бразил, покажуваат податоците на Bloomberg. Така, рубљата поскапе за 13% во однос на доларот во 2016 година, што е трет најдобар пласман на глобално ниво по бразилскиот реал и јапонскиот јен.
 Неодамна Елвира Набиулина изјави дека ќе продолжи со својата “умерено затегната” монетарна политика. Централната банка предупреди дека позитивните реални камати се нова реалност за Русија и додава дека сака да го охрабри штедењето на средства и нивно трансформирање во инвестиции, додека истовремено не ги натера компаниите да го рационализираат бизнисот наместо да се потпираат на зголемување на цените.