На денешен ден, пред точно ШЕСНАЕСЕТ години, на 25 март 2005 година пред пошироката македонска јавност беше промовирана Македонска Руска Стопанска Комора, во рамки на третата седница на Меѓувладината комисија за трговско економска и научно техничка соработка.

Само една година претходно, група од неколку ентузијасти сопственици на компании кои соработувале со Русија и кои имаа визија за соработка со Русија, користејки го моментот на коморски плурализам и растечки тренд на создавање на мешовити комори, ја создадоа оваа респектабилна и растечка деловна асоцијација.

М-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска Руска Стопанска Комора

-После 16 години постоење Македонско Руска Стопанска комора делува во нови услови во кои се најде земјава, без да го запре својот развој. Напротив, приближувањето до Европската Унија и членството во НАТО  не е и во иднина не треба да биде пречка за градење на економски односи со партнери од Руската Федерација, ниту пак пречка за привлекување на руски капитал во земјава. Такви примери веќе постојат и доволно е само да ги наброиме земјите од нашата поблиска околина, како што се Словенија, Турција, Бугарија, Унгарија Грција итн. сите членки на ЕУ и НАТО, а во исто време со одлична економска соработка со Руската Федерација, – вели м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска Руска Стопанска комора. – Податоците за размената во изминатата кризна година  на компаниите од двете земји најдобро го потврдуваат  интересот на деловните луѓе од двете земји да ги развиваат меѓусебните бизнис релации.

Во услови на светска пандемија  минатогодишната размена на Република Северна Македонија со Руската Федерација токму е една од светлите точки во трговијата на земјава на странските пазари. Македонските компании на рускиот пазар пласираа стока во вредност од 60,3 милиони САД долари, што е за над 8 милиони САД долари повеќе отколку во 2019 година. Со ваквиот резултат остварен е пораст од 15,8 отсто и тоа кога македонскиот извоз на светските пазари лани бележи значајно послаби резултати отколу една година пред тоа.

За одбележување е фактот, како што додава Бешлиев, дека вкупната трговија на македонските и руските компании во 2020 година ја достигна вредноста од 207,75 милиони САД долари (преклани 194,5 милиони САД долари),  што е раст од 6,8 отсто во однос на претходната 2019 година. Руската Федерације е 18 -от трговски партнер на Република Северна Македонија и за споредба со неа размената лани беше поголема отколку со, на пример, Австрија и Хрватска.

Ѓорѓи Дика, претседател на Македонска Руска Стопанска Комора

-Ваквите резултати во размената меѓу компаниите од двете земји, несомнено, се должат во голем дел на активноста на Македонска Руска Стопанска комора, која е стана мост и  незаобиколна фокална точка  за стопанско поврзување меѓу двете земји. Мојот личен предизвик  е да ги достигнеме бројките од пред точно две децении кога вкупната размена изнесуваше околу 1 милијарда долари,  но со врамнотежен биланс на двете страни, – посебно нагласува Ѓорѓи Дика, председател на Македонско Руска Стопанска Комора.

Што постигна Македонско Руска Стопанска Комора во овие изминати 16 години:

-Од неколку компании создадена е респектабилна деловна асоцијација која денес брои преку 150 членки, меѓу кои и низа најзначајните и најголеми компании во земјава.

            -Со ангажманот на членките, како и со значајна поддршка на државните органи, како и амбасадите на двете земји, прерасна во бизнис институција која е незаобиколна кога се во прашање меѓусебните економски односи на Република Северна Македонија и Руската Федерација.

            -Таквата улога ја препознаа и најголемата деловна асоцијација во Руската Федерација, Стопанска комора на Руска Федерација, со која е потпишан Меморандим за соработка.Таков меморандум Македонска руска стопанска комора има потпишано и со десетина регионални комори од Руската Федерација.

            -Во соработка со партнерските комори од Руската Федерација, Амбасадата на РФ во нашата земја, но и Амбасадата на РСМ во Руската Федерација, направен е исклучителен исчекор со формирањето на Трговско-изложбениот „Македонски дом“ во Москва. Државата, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ го  детектираше овој проект како вистинскиот чекор во правец на зголемување на размената меѓу двете земји и прифати да превземе дел од трошоците за неговото финансирање.

-Организирани се бројни деловни средби меѓу македонските и руските компании, како во Москва, така и во руските региони. Воедно, Комората беше домаќин и на низа руски бизнис делегации кои ја посетија земјава.

– Претставници на Македонско-руската стопанска комора се постојано членки и на Меѓувладината комисија за научно-техничка и трговска економска соработка, во која активно учествува во креирање на деловниот амбиент за развивање на економските односи меѓу двете земји.

– Македонските компании кои тргуваат со Руската Федерација, како и оние кои во своите деловни планови го фокусираат  рускиот пазар, веќе цела деценија во организација на Македонско-руската стопанска комора, а со финансиска помош на државава, учествуваат на двете најзначајни саемски манифестации „Продекспо“ и „Мир питание“ во Москва.

            – Воспоставена е соработка и со значајни институции од Руската Федерација  кои се незаобиколни при реализирањето на извозните зделки на македонските компании (Россељхознадзор -Руската Агенција за храна и ветеринарство, царински органи…)

            – Поддржани се низа културни настани и изданија кои се во функција на зацврстување на братските односи меѓу двата народа.

             Ова се само дел од активностите на Комората во овие изминати 16 години.

-Благодарение, пред се, на своите активни членки, но и на континуираната поддршка на релевантните институции во државата и секако Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, успеавме полека, но сигурно да го пробиеме патот кој води кон создавање успешна клима за соработка со руските бизнис партнери. Ваквата активност односно соработка ќе продолжи и во иднина. Притоа, според информациите добиени од стопанствениците, а особено гледајки ја вкупната статистика, станува сосема јасно дека и во иднина мораме максимално да се потрудиме во намалувањето големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија, и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Но, токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на оние кои се производители на земјоделски производи и пијалоци (овошје, зеленчук, тутун, вино),  – додава Ѓорѓи Дика.