На денешен ден, пред точно петнаесет години, на 25 март 2005 година пред пошироката македонска јавност беше промовирана Македонска Руска Стопанска Комора, во рамки на третатта седница на Mеѓувладината комисија за трговско економска и научно техничка соработка.

Само една година претходно, со група од неколку ентузијасти сопственици на компании кои соработувале со Русија и кои имаа визија за соработка со Русија, користејки го моментот на коморски плурализам и растечки тренд на создавање на мешовити комори,  ја создадовме Македонска Руска Стопанска Комора.

Целта на нејзиното постоење ја видовме во обновување, продлабочување и проширување на економските односи помеѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација. Нашата поента беше и е тоа да се случува постојано и квалитетно во рамки на можностите на македонските компании за исполнување на барањата на огромниот руски пазар.   

Предизвик беше да ги достигнеме бројките од 1991 год. кога вкупната размена изнесување околу 1 милијарда долари,  но со врамнотежен биланс на двете страни.

Што постигнавме во овие изминати 14 години:

            -Од неколку компании успеавме да создадеме респектабилна деловна асоцијација која денес брои преку 150 членки, меѓу кои и низа најзначајни деловни субјекти во земјава.

            -Со ангажманот на членките, како и со значајна поддршка на државните органи, како и амбасадите на двете земји, прераснавме во бизнис институција која е незаобиколна кога се во прашање меѓусебните економски односи на Република Северна Македонија и Руската Федерација.

            -Таквата улога ја препознаа и најголемата деловна асоцијација во Руската Федерација, Стопанска комора на Руска Федерација, со која имаме потпишано Меморандим за соработка.Таков меморандум нашата комора има потпишано и со десетина регионални комори од Руската Федерација.

            -Во соработка со партнерските комори од Руската Федерација, Амбасадата на РФ во нашата земја, но и Амбасадата на РСМ во Руската Федерација, направивме исклучителен исчекор со формирањето на Трговско-изложбениот „Македонски дом“ во Москва.Државата, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ го  детектираше овој проект како вистинскиот чекор во правец на зголемување на размената меѓу двете земји и прифати да превземе дел од трошоците за неговото финансирање. На овој начин создадовме можност македонските компании со свои производи да се наоѓаат на самото место во Руската Федерација и тоа да им го олесни пласманот на овој голем пазар.

-Организиравме бројни деловни средби меѓу македонските и руските компании, како во Москва, така и во руските региони.Воедно, бевме домаќини и на низа руски бизнис делегации кои ја посетија земјава.

-Претставници на Македонско-руската стопанска комора се постојано членки и на Меѓувладината комисија за научно-техничка и трговска економска соработка, во која активно учествуваме во креирање на деловниот амбиент за развивање на економските односи меѓу двете земји.

            -Македонските компании кои тргуваат со Руската Федерација, како и оние кои во своите деловни планови го фокусираат  рускиот пазар, веќе цела деценија во организација на Македонско-руската стопанска комора, а со финансиска помош на државава, учествуваат на двете најзначајни саемски манифестации „Продекспо“ и „Мир питание“ во Москва.

            -Воспоставивме соработка и со значајни институции од Руската Федерација  кои се незаобиколни при реализирањето на извозните зделки на македонските компании (руската Агенција за храна и ветеринарство, Россељхознадзор царински органи…)

            -Поддржавме низа културни настани и изданија кои се во функција на зацврстување на братските односи меѓу двата народа.

            Ова се само дел од активностите на Комората во овие изминати 15 години.

Благодарение, пред се, на своите активни членки, но и на континуираната поддршка на релевантните институции во државата и секако Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, успеавме полека, но сигурно да го пробиеме патот кој води кон создавање успешна клима за соработка со руските бизнис партнери.

Голема бешеи поддршката од страна на Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. Соработката со амбасадорите и останатите вработени во Амбасадата во Москва беше на извонредно ниво, и тие вистински се трудеа да ни помогнат во реализирање на проектите кои ги имавме зацртано.

Ваквата активност односно соработка ќе продолжи и во иднина. Притоа, според информациите добиени од стопанствениците, а особено гледајки ја вкупната статистика, станува сосема јасно дека и во иднина мораме максимално да се потрудиме во намалувањето големиот трговски дефицит во  размената со Русија, и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Но, токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на оние кои се производители на земјоделски производи и пијалоци (овошје, зеленчук, тутун, вино).

И уште еднаш да нагласам –  основната причина  на нашето делување е Македонска Руска Стопанска Комора да продолжи да се развива како  ефикасен стопански мост и субјект во процесот на остварувањето нови бизнис релации со Руските компании. Сметам дека сите членки на оваа Комора, иднината на економскиот развој на нашата држава и стопанство ја гледаме и преку соработка со партнерите од Руската Федерација.

Нека се множат годините на Македонска Руска Стопанска Комора!

Ѓорѓи Дика, претседател на Македонска руска стопанска комора