Пред претставници на Владата, Собранието, локалнатa управа, бизнисот, академската заедница и другите општествени сегменти во Македонија, членовите на Бордот на директори на „Централ Азија Металс“ (Central Asia Metals, AIM: CAML), новиот сопственик на рудникот САСА, членка на Македонско-руската стопанска комора, ја претставија својата визија за идниот одржлив развој на најголемиот рударски коплекс во земјата.
-Импресионирани сме од досегашните достигнувања на рудникот САСА, од неговиот потенцијал за натамошен развој, како и од посветеноста, искуството и знаењето на вработените, што е уште еден показател за квалитетот на техничкото образование и експертизата во областа на рударството во Македонија, рече во своето обраќање претседателот на Бордот на директори на „Централ Азија Металс, – Ник Кларк.
Тој, како нов сопственик, потенцираше дека компанијата ќе продолжи да вложува во развој на рудникот преку примена на современа технологија и најдобри меѓународни практики и стандарди во рудаството, при што особено ќе се води сметка за здравјето и безбедноста на вработените, како и за заштитата на животната средина. Дополнително, Кларк нагласи дека рудникот веќе постигнал 495 дена без повреди на работно место.
Раководството на „Централ Азија Металс“ е децидно дека рудниот САСА ќе продолжи да обезбедува стабилност на работните места за околу 700 вработени во компанијата, а ќе продолжи и со реализацијата на голем број општествено одговорни проекти, важни за просперитетот на локалната заедница.
-Како тим составен од професионалци за рударство, нашата определба е долгорочно да го развиваме рудникот САСА и со тоа да придонесеме за развојот на македонската економија, застапувајќи го концептот на општествено одговорно рударство. Многу меѓународни финансиски институции ја поддржаа нашата одлука за купување на САСА и затоа нашите резултати ќе бидат набљудувани одблизу и со голем интерес. Се надевам дека нашиот успех во иднина ќе поттикне и други странски инвеститори да го следат нашиот пример и да вложат во Македонија,- истакна Кларк.
„Централ Азија Металс“ е компанија од рударската индустрија што котира на лондонската берза. Во ноември 2017 компанијата го купи рудникот за олово и цинк САСА во Македонска Каменица, а исто така е сопственик и на проектот за експлоатација на бакар „Кунрад“, во Казахстан.