Деjан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руска стопанска комора
Скопје, 18 октомври 2013
Македонско-руската стопанска комора постои од 2005 година. Што е целта и што е она што имате постигнато досега во унапредување на економската соработката меѓу Македонија и Русија?
Македонско-руската стопанска комора е формирана со Одлука на Меѓувладината комисија на Македонско-руската научно-техничка и економска соработка на третата седница во 2005 година. Веќе постои полни осум години. Брои 145 членови кои се поделени во активни и пасивни. Околу 90 членови активно соработуваат со Комората, имаат свои потреби, побарувања, остатнтите во определен период имаат пасивно членство, па се активираат. Но, не се откажани од членство за да можеме да ги сметаме за такви. Претседател е Ѓорѓи Дика, а извршен директор е Дејан Бешлиев. Има 11-член Управен одбор и работи по Законот за стопански комори.
Нејзиното делување е насочено кон соработката со Руската Федерација и тоа не прави специјализирани за таа соработка. Членовите се поделени во 15-тина гранки на македонското стопанство. Опфаќаме поширок спектар и тоа се сите оние гранки кои имаат допирна точка со Руската Федерација. При тоа 99 проценти од членовите се компании кои соработуваат, соработувале или имаат намера да соработуваат со Руската Федерација. Во комората членуваат и сите компании кои имаат руски капитал. Меѓу членките се сите поголеми компании како Макситл, Тиквеш, Балтекс, Лукоил Македонија, Рудници Саса, Бучим, Тетекс, Витаминка, Микросам, Сковин, Агролозар, Агрофруктус…
Целта на Комората е да се сплотат бизнисите.Таа претставува мост за економско поврзување на двете земји. Целта во 2005 година беше да се обноват старите врски и релации што Република Македонија, односно нејзините компании ги имаа со Руската Федерација во крајот на 80-тите, почеток на 90-тите години кои потоа кон крајот на 90-тите и на почетокот на 2000 скоро во целост се раскинаа и како резултат на тоа беше и најмалата некогаш постигната размена од 170 милиони долари и сето тоа ги повлече тогашните институции во двете земји да ја формираат Меѓувладината комисија.
За овие некоку години успеавме да се наметнеме кај компаниите со нашата идеја да се обноват тие врски со тоа што стратегијата на Комората беше посветена во развој на врските со руските региони. Од почетокот и првата посета на компании членки од Комората на Руската Федерација беше во Вороњеж, не беше во Москава или Сан Петербург. Во меѓувреме направивме 10-тина посети во Русија, а од руската страна дојдоа седум делегации. Притоа не се повторуваа. Ги посетуваа Самара, Липец, Ростов, Сочи, Нижниновгород, Белгород, секако и Москва и Сан Петербург, а имавме посета од Тољати, Самара, Ростовска делегација, краснодарска делегација, значи повеќе региони што беа интересни за нас.
Како ја оценувате економската соработка меѓу Македонија и Русија?
Просторот за економска соработка со Руската Федерација е огромен. Сега за сега е во нагорна линија. Бројките велат секогаш ја говорат вистината, а најголемата размена некогаш постигната е 1 милијарда долари остварена во 1991 година со прекрасен баланс од по 500 миниони на двете страни. Балансот во последните години е страшно нарушен, значи Македонија не може да ги постигне тие бројки. Од друга страна Руската Федерација учествува во нашиот увоз, со 90 проценти, што не е добро за нас, но не е добро и за нив. Од тие 90 проценти размена најголемиот дел отпаѓа на енергенси. Ние во последните години идниректно или директно со нашите активности успеавме да поттикнеме соработка и таа придонесува за зголемување на бројките. До пред кризната 2009 година се дојде до 969 милиони долари размена, при што околу 300 милиони беа на македонска страна, 600 на руска страна. Меѓутоа по кризната 2009 година имавме пад на размената, кој се движеше во рамки на околу 200 до 300 милиони долари годишно и сега во 2012-2013 повторно имаме пораст на таа трговска размена. И ако ја погледнеме годинава е подобра. Размената до јули изнесува 150 милиони долари и Русија се наоѓа на 8. место по рангот на земји со кои соработуваме. Од тие 150 милиони само 15 милиони се македонски извоз, а 135 се од руска страна. Тоа е нешто што мора да се обидеме да го надминеме. Таа бројка од 20 ndash; 30 милиони е недоволна, иако сега во последниот кваратал ќе порасне бидејќи таков е видот на производите што ги пласираме, меѓутоа се уште сме далеку, а имаме простор. Се надеваме ќе се зголеми. Традиционално Русија е некаде 4-ти или 5-ти трговски партнер на Република Македонија во последните години.
Што е причината за така мал пласман на македонски производи во Русија?
Бројките реков ја кажуваат вистината, но не ја отсликуваат вистинската слика за она што се случува. Ние во овие девет години одржавме седум трибини посветени на причините, разликите, можностите за рускиот пазар. Една од тие трибини го носеше насловот дека во Русија ги пласираме производите под туѓо име. Значи, огромна количина производи, а притоа и на извоз во апсолутен број се води како извоз во други земји, поточно од Србија. Конкретно земјоделските производи во огромна количина и процент излегуваат од РМ и завршуваат на рускиот пазар, но преку Србија. Причината за тоа е слободната трговска размена, односно 1 процент на царина која што ја плаќаат руските увозници кога увезуваат стока од Република Србија. Голем број македонски компании или преку свои претставници или имаат свои фирми ја извезуваат во Ррусија. Значи како реекспорт. Интересно е што ако ги погледнете табелите на извоз, толку колку што е растот во Србија, толку е падот кај нас на македонски производи од Македонија во Русија. Знаеме дека одат така, тоа го прават трговците, односно фирмите, бидејќи од една страна не сакаат да има останат на нивите, од друга страна мора да заработат, а во меѓувреме Македонија губи како држава бидејќи извозот не оди директно во Русија и тогаш рускиот купувач не добива вистинска слика дека производот е македонски, туку дека е српски.
Во меѓувреме, беа одржани четири или пет меѓувладини седници и на сите без исклучок копретседателот од македонска страна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески како раководител на оваа меѓувладина организација го поставува барањето за овозможување слободна трговија меѓу Македонија и Русија. Сметаме дека на овој начин драстично ќе се подобри оваа слика со бројките и Македонија повеќе од сигурно ќе се пробие многу полесно на рускиот пазар.
Царината отприлика е 10 до 12 проценти, од 3 до 4 илјади евра на еден камион доаѓа за руските увозници доколку земат од Македонија. Тоа не е воопшто малку ако се земе предвид колку многу производи се увезуваат.
Кои се причините што не се потпишува тој договор за слободна трговија со Русија?
И со Србија не е потпишана, односно не е ратификувана во Руската Дума. Тоа е претпоставувам политичко прашање меѓу двете земји, што ете на еден начин се отсликува во економијата. Во однос на нас, како и на сите други земји во светот немаат таква поволност. Сега ние влегуваме во една група земји со преференцијална стапка и имаме 25 проценти попуст на царината. Значи доколку имате 10 проценти царина на производот минус 25 проценти на тоа, ќе платите некои 7,5 проценти. Тоа е некоја поволност, но тоа е определена листа производи утврдена уште во 2001 година и која во моментов не е многу актуелна бидејќи голем број од тие производи, како на пример кожа веќе од Македонија не се извезува, и не е интересна. Подобро е можеби таму да биде виното или земјоделските производи, отколку да биде кожата. Но, за тоа да се промени треба Руската Федерација да направи консултација со 25 земји кои ја имаат таа преференцијална стапка, а дополнително е што сега тие влегоа во економска унија со Белорусија и Казахстан и сега треба да ги усогласат сите три земји своите ставови за да може да ги искористиме како Република Македонија.
Постојат одредени бирократски причини, но тоа пак не е причина ние да не инсистираме. Бидејќи ние ако не инсистираме дека сакаме да добиеме, а гледаме дека сме поквалитетни и можеме да бидеме поконкурентни тоа значи дека ние ќе се откажеме однапред. Тоа не го сакаме воопшто и мислам дека е добар овој правец што го држиме и се надеваме на новата Меѓувладина седница која ќе се одржи од 24 до 26 октомври дека ќе имаме некој чекор нанапред во однос на ова прашање.
На секоја седница Република Македонија од наша страна инсистираме на тоа и само тоа е начин да сфатат дека можеме многу повеќе да извезуваме таму.
Втора причина зошто е мал извозот таму е недоволното познавање на Република Македонија и нејзините капацитети од страна на руските увозници. И оние посети што ги правиме ја имаат таа цел, а тоа е да сфатат дека Република Македонија постои на картата, бидејќи многу малку го знаат тоа и да покажеме дека ние имаме квалитетни производи кои се интересни за нив. Во таа насока Македонско-руската комора пет години, две години сама, а три заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство организира учество на два најголеми саема во Рсуката Федерација кои придонесоа и овој извоз што постојано расте да се оствари. Тоа се саемите за свежо и конзервирано овошје и Саемот за вино. Резултатите се одлични. Ако земеме дека пред три години ние скоро да немавме извоз на вино, веќе имаме огромен скок и извозот македонски вина ќе достигне 6-7 милиони долари, а бил нула. Така што треба време, но патот е тој.
Напоменавте дека треба да се фокусираме во некои региони. Кои според вас се регионот на кои би требало да се настапи?
Направевме една анализа и кога минатата година беа роуд-шоуто на Владата имавме консултации со Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. Кога го правевме тој план кои региони се атрактивни, треба да се одберат јужен и северен регион како Ростовскиот или Нижниновгород, заради тоа што во едниот имаме потенцијал да продаваме, односно да пласираме овошје, зеленчук во северниот регион каде три до пет месеци е под снег. Во другите имаме можност да продаваме пијалаци, како и да пласираме текстилни производи. Ростовскиот го избравме иако ги има овие производи, бидејќи е централен регион. Во Руската Федерација покрај Москва, втор град во кој многу се финансира е Сочи, па Краснодар, а тие се сите во тој јужен регион, значи Ростов, Сочи, Краснодар. Тоа е една трансверзала каде што има многу инвестиции од руската држава, од самата држава и второ, тој граничи со Украина, а ние со Украина имаме специјални односи, односно 1 процент царина. Значи многу лесно можеме да доаѓаме до таму, па од таму руски фирми кои имаат свои фирми во Украина можат да го купуваат таму производот. Имаме можност за соработка меѓу двата региона, Ростовскиот и Украинскиот, бидејќи постои бесцаринска зона. И тоа ни беше идејата зошто таму. Потоа го имате Дон, кој е воден пат низ Русија, се поврзува со Волга, со Москва – тоа е една огромна мрежна од околу 7.000 километри воден пат што може да биде извонредно ефтин за нашите производи доколку се донесат до таму. Значи, постојат многу причини зошто инсистиравме на тие два региона.
Подготвени ли се македонските компании за тој голем пазар?
Интерес постои од македонските компании. Би ги класифицирал во оние кои сериозно размислуваат и оние што само го разгледуваат. Тие кои сериозно размислуваат веќе во овие девете години научивме кои се компаниите. Полека, но сигурно го преструктуираат своето производство, затоа што сфатија за да ги постигнат проектите кои таму се побаруваат за нивните производи треба максимално да бидат спремни. Тоа значи ги посетуваат саемите, вршат комуникација со увозници во Москва, која би ја третирала како една посебна категорија и во регионите што е многу важно, бидејќи нашата цел се регионите кои бројат од 2 до 5 милиони луѓе, каде што ние и реално можеме да извеземе. Ние нема да можеме да извеземе за 50 милиони пазар, но во два региона од по 3-4 милини тоа е нешто каде што можеме да се натпреваруваме и постојат македонски компании кои одговараат на тие побарувања и уверен сум дека ќе можат да напредуваат.
Во структурата на македонскиот извоз во Русија кои производи се доминанти?
Лидер е Алкалоид со својата програма. Во однос на извозот меѓутоа, во последно време иако во статистиката не се води, земјоделските производи излегуваат многу. Извезуваме исто така и софистицирана опрема, која определени компании ја произведуваат и имаат многу висока додадена вредност за разлика од земјоделските производи, вина, ремени за автомобили. Главно на тоа се базира нашиот извоз, иако извезуваме и текстил и конзервирано, но оди преку Германија, Србија и тоа за нас е проблем.
Колку руски инвеститори имаме во земјава и кои области се интересни за влез на нови инвестиции од Русија?
Руски инвеститори има во Македонија. Тука се Лукоил, Корпорацијата која ги раководи рудниците Саса и Бучим, во Југохром, потоа инвестицијата Гришко и Продис. Неколку инвестиции очекуваме со ратификувањето на Договорот за Јужен тек, односно со утврдувањето на динамиката за изградба со Стројтранс гас што се однесува на оној клириншки дел ќе влезат и други инвеститори. Пред се, се мисли на Гаспром, како таков. Руски инвеститор има и во ТЕТО. Најмногу се енергетски компании. Значи руската политика е дека треба да инвестираат во тие енергетски ресурси и освен Продис и Гришко, сето останато е во енергетски ресурси. Се надеваме дека доколку дојдат уште два или три големи играчи од типот на Гаспром ќе се отвори можеби и финансискиот сектор што е многу значајно бидејќи ќе повлече и многу повеќе руски инвеститори.
Немам конкретен податок колкави се руските инвестиции, но се проценува дека се околу стотина милиони. Лукоил вложи средства па како гради така и ги влече – значи, 35 милиони, Гришко пет милиони, Продис пет милиони, рудниците некаде со околу 20-тина милиони – значи веќе доаѓаме до 80-90 милиони, мислам дека Газпром пет милиони, 100-104 од прилика тука се движеше, но не знам точно.
Каква е нивната оценка за бизнис климата во Македонија?
На почетокот со Лукоил, разговарајќи со нив, имаа потешкотии во однос на тоа што немаше доволно добра катастарска мрежа, не беше добро утврдено тоа прашање и тоа им претставуваше проблем. Имаа проблем со бирократски активности, меѓутоа сега, а и бројката на пумпи што ги изградија покажува дека многу брзо се движат работите. Тоа е благодарение и на осовременувањето на катастрите и тоа не само во Скопје, туку и во цела Република и донесениот закон за странски инвестиции што овозможуваат побрз влез. Значи, немаат замерки. Мислам дека им даваат добар сигнал на другите руски инвеститори што се потенцијални, за кои се надеваме дека ќе дојдат.
Какво ќе биде влијанието на договорот за Јужен тек?
Мислам дека кога некој сака да инвестира, прво што гледа е покрај опкружувањето, инфраструктурата во таа земја и Јужниот тек е еден од најголемите сигнали за инвеститорите. Ние ќе имаме можност да им покажеме дека кај нас ќе имаат евтина енергија, веројатно фирмите ќе станат многу поконкурентни бидејќи енергијата која што ќе ја добиваат ќе биде многу поевтина. Очекувам дека можеби ќе се отвори финансискиот сектор, бидејќи покрај гасот ќе дојдат компании кои ќе сакаат овде да работат. Во рамки на таа стратегија да не го заборавиме и конечно отпочнувањето на Коридорот 8 – значи ќе има инфраструктура во однос на железницата и очекувам дека самиот Јужен тек, кој доаѓа практично од источниот дел, се надевам ако дојде од бугарска страна, во првиот дел ќе биде градењето на цевката од Бељаковце кон Неготино, така да еден огромен потенцијал ќе се отвори за развој на бизнис во региони каде што има многу простор за тоа кај нас. Така што, пред се мислам дека сигурноста која што ќе ја даде во однос на енергетиката, а и тоа што Република Македонија, пак, од друга страна ќе се тргне од онаа опасна зона на земја со енергетска зависност и понатаму ќе биде зависна, но ќе има веќе извор од каде. Тоа е многу важно за инвеститорите.
Наредната недела во Скопје треба да се одржи нова седница на Мешовитата меѓувладина македонско-руска комисија. Што се очекува од оваа седница?
Она што можеби ќе биде новост, тоа е повторно барање на македонската страна да се формира нова работна група, бидејќи веќе има за индустрија, енергетика, образование, трговска размена, екологија итн. Сега идејата е да се формира работна група за земјоделство, бидејќи имаме исклучителен интерес по тоа прашање како земја и еве тоа можеби ќе биде една од придобивките на оваа меѓувладина седница да таа работна група се формира и на тој начин преку работни групи многу побрзо се отвораат и разгледуваат прашањата кои на самата седница само треба всушност да се официјализираат. Но, пак ќе кажам, додека не ја имаме вистинската агенда не можам да кажам што друго би очекувале.
Се планира и одржување средби со компании од Русија кои очекуваме да дојдат со меѓувладината комисија. Не зависи само од македонската страна. Во овој случај македонската страна го предложи сево ова и очекуваме потврда од руската страна. И ова е знак дека бараме начин се повеќе и повеќе за контакти и можности за прикажување на она што го имаме за да може да се пласира на рускиот пазар.
Покрај вашите активности, што би можело да придонесе соработката меѓу двете земји да се унапреди уште повеќе?
Во последниот период морам да кажам дека многу се отворија можностите. Да почнеме од образованието – се потпишаа спогодби за признавање на дипломите, се доби поголема квота за стипендии од руската држава за македонски граѓани, се потпишаа одредени спогодби за транспортот – со дозволите, се потпиша спогодба во делот на земјоделството. Значи огромен број документи што ја отвораат портата за да може да влезат бизнисмените и да го искористат тоа. Сето тоа досега претставуваше и кочница на еден начин, до пред оваа активност и сево ова почна од 2010 година кога се одржа четвртата седница. Бидејќи имаше огромна пауза, од 2005 до 2010 година имавме петгодишна пауза на немање меѓувладина седница и не можеше да се постават прашањата што претставуваа препрека. Од 2010 до сега, за овие три години, постојано имаме нови и нови документи потпишани, средени и кои даваат можност да се излезе на пазарот. За тоа не смеат да се пожалат бизнисмените. Треба само поголема активност, реално го кажувам тоа, поголема подготвеност да се оди во Русија, бидејќи таа е голем пазар и тие нема да дојдат тука да купат. На пазар треба да одите за да си купите и да продадете. Ние мора да одиме таму.
Она што е наш предлог, а сме го соопштиле и во рамки на работната група на Меѓувладината комисија, е дека можеби треба да се одберат два или три региони што би се обработувале на среден рок 5-7 години и што ќе оцениме како стопанственици и држава дека во нив имаме реална можност да продаваме и евентуално ете сега преку трговски промотор кој го имаме, или можеби треба да се отворат лоби-канцеларии како во Брисел, каде ќе се пронаоѓаат оние луѓе кои имаат реален интерес да соработуваа со нас.
Какви се можностите за соработка во областа на туризмот и за воведување авионски линии меѓу двете земји?
Неколку обиди имаше за тоа. Најнапред имаше обид преку една руска компанија да се донесат чартер-групи овде, една- две, па застана. Потоа, имаше обид од страна на Република Македонија, односно преку Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Русија повторно неколку чартери, но ефектот е мал. Мал е бидејќи се уште во Русија се нудат оние програми коишто се од прилика да речеме за исти или поевтини средства, патуваат во попрочуени дестинации. Руските граѓани многу повеќе ги преферираат Египет, Турција, во последно време Грција за патување за одмор, а оние коишто шетаат повеќе Париз, Милано, Рим итн. Додека, кај нас се гледаше шансата во т.н. духовен туризам, но реално и тоа не е многу развиено.
Ние настапуваме секоја година – Република Македонија настапува на саемот за туризам во Москва, но не се постигнува саканиот резултат, ниту пак може за 3-4 години да се постигне, меѓутоа мислам дека во тој дел нам ни фали една многу силна кампања. Само ќе го кажам примерот на Црна Гора, која пред од прилика 4-5 години, пред да се случи бумот во Црна Гора со руски туристи трошеше помеѓу 50 и 100 илјади долари за реклами на телевизија во месец мај или во април за да прикаже дека Црна Гора е навистина дестинација која може да ги привлече. Средства се многу потребни вие да ги привлечете, да бидете присутни, да ве забележат, а потоа ќе бидете атрактивни. Ова го зборувам за да има чартери бидејќи отсуството на редовна линија е вонредно голем проблем и не само за туризмот, туку и за бизнисот. Неколку пати Република Македонија го актуелизира тоа прашање, но и покрај тоа што има лиценци за редовна линија на компании од Руската Федерација не се осмелуваат да отворат директна линија кон Скопје и тоа ни е еден дополнителен проблем. Наскоро не очекувам да се случи нешто во насока на отворање авионски линии. Дополнително што уште два града или две конекции се скратија, ако земете предвид дека од лани ги немаме Будимпешта и Прага, значи ни останаа Белград, Виена, Љубљана и Истанбул како поврзување со Скопје или поблиските аеродроми, а повторно треба да се изложите на трошкови, а тоа се Софија и Солун.
Во делот на градежништвото, сектор кој порано беше присутен на рускиот пазар, има ли излгеди да се врати?
Градежништвото е интересна гранка. Работи мал дел и она што работи не се фирми, туку се работници коишто учествуваат таму. Фирмите што работат е незначително – значи не е од типот Пелагонија, Маврово, Гранит, Бетон, тоа веќе го нема. Но, да бидеме искрени, тоа што се работело било пред деведесеттите или најдоцна во почетокот на деведесеттите години, а ниту фирмите се тие што тогаш ги имавме. Значи, веќе го нема Бетон или Пелагонија, Маврово така да не сме конкуренти во тој дел. Страшна е конкуренцијата меѓу тамошните поранешни советски републики, кои се занимаваат со градежништво и со работници, но и со машини што одат напред. Но, и самите Руси веќе имаат компании што навистина се респектабилни. Понатаму, во Русија се е големо па така и за да работите во градежништвото потребни се големи средства како гаранција дека ќе го завршите определениот објект и навистина не постои македонска банка, која може тоа да го поддржи. Се на се, градежништвото е на ниски гранки во однос на соработката со Русија.
Имате ли информации до каде е реализацијата на проектот за изградба на внатрежната гасоводна мрежа со Стројтрансгас?
Тоа е проект што треба да отпочне во почетокот на 2014 година, да се работи веќе. Тоа е во финална фаза на избор на изведувачи, Стројтрансгас се носители да почне да ги гради земјените работи, поставувањето цевки. Тоа е првиот чекор за да одиме напред.