Русија и Бугарија ја потпишаа таканаречената „мапа на патот“ за изградба на бугарскиот дел од гасоводот „Јужен тек“ кој ќе ги спои Русија и јужна Европа под Црното Море. Документот во бугарскиот град Варна го потпишаа министрите за енергетика на двете земји, Сергеј Шматко и Трајчо Трајков во присуство на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Бугарија долго време не можеше да се одлучи за учество во „Јужниот тек“ поради што Русија покрена преговори за изградба на гасовод со Романија. По посетата на рускиот вицепремиер Виктор Зубков на Бугарија на почетокот на месецот, двете страни се договорија за ја потпишат „мапата на патот“ за тој проект. Со изградбата на гасоводот „Јужен тек“ Москва сака да ја диверсификува маршрутата за извоз на свој природен гас и да ги заобиколи транзитните земји кои последните неколку години се покажаа како несигурни. Капацитетот на подводната делница на „Јужниот тек“, долга околу 900 километри, ќе изнесува до 63 милијарди кубни метри гас годишно. Од Бугарија гасот натаму ќе се превезува по копнени гасоводи, за што Русија веќе потпиша меѓудржавни договори со Србија, Унгарија, Грција, Словенија, Хрватска и Австрија. Студијата за техничко-економската реализација на проектот ќе биде подготвена до февруари 2011 година, а пуштањето во работа на гасоводот е предвидено за декември 2015 година.
Активности Бугарија се приклучи на проектот „Јужен тек“