Руската економија пораснала за 4,2%

Руската економија која во првите шест месеци од оваа година пораснала за 4,2% во споредба со истиот период од минатата година, излегува од најголемата криза во последните 10 години. Руската министерка за економскиот развој на Русија Елвира Набиулина, наведе дека економскиот раст достигнал до 4,9% на годишно ниво и 0,3% во однос на месец мај. За економскиот раст придонесе зголемувањето на индустриското производство од 10,2% од јануари до јуни, додаде Набиулина и најави дека владата на Русија најверојатно ќе ја зголеми својата проекција за раст оваа година. Минстерство за економија и претходно прогнозираше дека бруто-домашниот производ (БДП) на Русија во 2010 година ќе порасне за 6%. Руската економија минатата година ослабна за 8%, но почна да се опоравува благодарение на опоравувањето на цената на суровините. Високата цена на нафтата исто така и помогна на Русија да го сочува својот (40 милијарди долари) вреден резервен фонд до идната година.

Склучени договори вредни повеќе милијарди долари

Во текот на годишниот Руско-германски форум, кој се одржува во рускиот град Екатеринбург, склучени се десет договори меѓу компании од двете земји, вредни повеќе милијарди долари. Највредниот договор е во висина од 2,2 милијарди евра, со кој германската корпорација „Сименс“ се обврза дека на „Руски железници“ ќе испорача повеќе од 200 нови регионални возови кои ќе возат ширум Русија.

Бугарија се приклучи на проектот „Јужен тек“

Русија и Бугарија ја потпишаа таканаречената „мапа на патот“ за изградба на бугарскиот дел од гасоводот „Јужен тек“ кој ќе ги спои Русија и јужна Европа под Црното Море. Документот во бугарскиот град Варна го потпишаа министрите за енергетика на двете земји, Сергеј Шматко и Трајчо Трајков во присуство на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Бугарија долго време не можеше да се одлучи за учество во „Јужниот тек“ поради што Русија покрена преговори за изградба на гасовод со Романија. По посетата на рускиот вицепремиер Виктор Зубков на Бугарија на почетокот на месецот, двете страни се договорија за ја потпишат „мапата на патот“ за тој проект. Со изградбата на гасоводот „Јужен тек“ Москва сака да ја диверсификува маршрутата за извоз на свој природен гас и да ги заобиколи транзитните земји кои последните неколку години се покажаа како несигурни. Капацитетот на подводната делница на „Јужниот тек“, долга околу 900 километри, ќе изнесува до 63 милијарди кубни метри гас годишно. Од Бугарија гасот натаму ќе се превезува по копнени гасоводи, за што Русија веќе потпиша меѓудржавни договори со Србија, Унгарија, Грција, Словенија, Хрватска и Австрија. Студијата за техничко-економската реализација на проектот ќе биде подготвена до февруари 2011 година, а пуштањето во работа на гасоводот е предвидено за декември 2015 година.

Одлука за укинување на визите за граѓаните на РФ

Одлука за укинување на визите за граѓаните на Руската Федерација донесе македонската Влада на крајот од минатата недела. Времената мерка Русите да патуваат во Македонија без визни формалности ќе трае до 15 октомври годинава, а е со цел привлекување поголем број туристи од 140-милионска Русија, кои веќе покажуваат интерес за летување во Македонија. Македонија оди по примерот на Хрватска, која летово, токму со оваа мерка, очекува 150.000 гости од Русија. Црна Гора и Албанија сторија вакво нешто во текот на мај, а Србија воопшто нема визи за граѓаните од Русија. Каков ќе биде ефектот во Македонија, каде што за летово беше најавено пристигнување на 1.200 гости од Русија, ќе се види по 15 октомври кога одлуката престанува да важи. Врз основа на тие процени ќе се решава дали и во иднина ќе се применуваат вакви „летни шеми“ или ќе се бара потрајно заедничко прифатливо решение за визниот режим, кое нема да биде еднострано... Македонија и Русија имаат потпишано спогодба, која стапи во сила во септември 2008 година, според која, без визи во двете земји патуваат носители на дипломатски и службени пасоши, граѓани кои патуваат поради деловни контакти, научнотехничка, образовна, културна, спортска соработка, новинари... лица на студиски престој или поради лекување, лица кои се поканети од роднини или познати... со оригинал туристички ваучер или покана секој може да отпатува во Русија, односно во Македонија и да престојува до 30 дена. Со владината одлука сега секој руски граѓанин (заклучно до 15 октомври) ќе може само со валиден пасош да дојде во Македонија.

РВЕ разгледува можност за влез во „Јужен поток„

Германската енергетска групација РВЕ, еден од акционерите на гасоводот „Набуко“, со рускиот „Гаспром“ разгледува можност да влезе во конкурентскиот проект „Јужен тек“. Mинатата недела заменикотдиректор на управата на „Гаспром“ Александар Медведев со директорите на РВЕ разговарал по телефон за можно учество на тој германски концерн во проект на гасоводот „Јужен поток“.

Русија, Белорусија и Казахстан во Царинска унија

Претседателите на Русија, Белорусија и Казахстан, Дмитриј Медведев, Александар Лукашенко и Нурсултан Назарбајев, потпишаа во Астана договор за стапување на сила на Царинска унија меѓу трите земји.

Состанок со економскиот промотор

На ден 02.07.2010 год. Беше одржан состанок со Економскиот промотор на Република Македонија во Руската Федерација г-дин Љупчо Камчев. Средбата беше со цел договор околу соработка при одржување на престојниот саем за овошје и зенчук МИР ПИТАНИЕ 2010 во Москва. Имено од промоторот побаравме да обезбеди контакти за компаниите кои ќе учествуваат на саемот.

Се отвори новата винарија „ВИНАРИЈА СТОБИ“

На ден 30.06.2010 год. Во Градско пред голем број на гости се отвори новата винарија во Република Македонија „ВИНАРИЈА СТОБИ“. На отварањето беше присутен и премиерот на Република Македонија Г-дин Никола Груевски. Комората беше претставувана од директорот Дејан Бешлиев.

Состанок со Амбасадорот на РМ во Русија

На ден 29.06.2010 год. Беше одржан состанок со Амбасадорот на Република Македонија во Руската Федерација г-дин Илија Исајловски во врска договорот за соработка со Руски ГАЗПРОМ. Имено, согласно информациите од Амбасадорот се очекува на 12 Јули во Скопје да пристигне делегација на руски експерти со што ќе започнат и конкретните чекори на соработка. Исто така Меѓувладината комисија се очекува да се одржи во месец Октомври 2010 год.

Во Охрид пристигна првата организирана група туристи од Русија

На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ со посебен чартер-лет од Москва денеска пристигна првата група од 64 туристи од Русија, кои десетина дена ќе престојуваат на Охридската ривиера. Станува збор за првата од предвидените шест групи туристи од Русија кои во периодот до 30 август ќе летуваат во Охрид. Тие на аеродромот во Охрид беа пречекани од претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, на Руската амбасада во Скопје и на Македонско-руската стопанска комора. Ина Жарова, директор на агенцијата „Алекс-турс“ од Москва, изјави дека ова е прва година како нејзината фирма ја почнува соработката со македонските колеги во областа на туризмот. - Во текот на периодот април - јуни годинава, пробно во Охрид престојуваа помали групи од 10 туристи кои се вратија воодушевени од Македонија. Почувствувавме дека постои интерес во Русија за туристички престој во Македонија, така што сакам да веуверам дека не сме тука само за ова лето, туку се надевам дека идната година ќе има многу повеќе туристи од Русија, истакна Жарова. Евгениј Егоров од Руската амсабасада во Скопје, оцени дека доаѓањето на првите руски туристи во Охрид е значаен настан, и оти тоа е само почеток на отворањето на патот на руските гости кон Охридското Езеро. Тој додаде дека постои интерес и во Русија и во Македонија, за унапредување на односите меѓу двете држави, како на политички така и на еконономски план. Македонскиот амбасадор во Москва, Илија Исајловски, од своја страна рече дека ова е среќен ден, затоа што по сите напори преземени од Владата и понудените поволности за заинтересираните тур-оператори, во Охрид пристигнаа првите руски туристи. - Според информациите со кои располага Амбасадата, сите билети за аранжмански престој во Македонија се продадени. Интересот оваа година за Македонија е многу голем. Македонија во Руската Федерација е промовирана како една од најевтините и најубавите европски дестинации, и тоа може да се види на поголемите руски интернет-странци, каде статијата за туристичкиот потенцијална Република Македонија е еден од најпосетуваните, појасни Исајловски. Според него, се очекува годинава само преку овој тур-оператор во Охрид да допатуваат околу 1.200 туристи. "Sitel"