Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, соопшти дека културната институција и винарската визба „Тиквеш“, членка на Македонско-руската стопанска комора, ја официјализираат соработката мотивирани и иницирани од континуираниот стремеж да им се овозможи на љубителите на уметноста совршено уживање во префинети нешта.
-Чест ми е да го објавам официјализирањето на новата соработка на реномираната компанија „Тиквеш“, што започна со новата концертна сезона 2017/2018 на Филхармонијата. Особено ми е драго што на еден симболичен начин ја почнуваме соработката со најава за концертот на 14 февруари, кога се одбележува Денот на лозарите и Денот на вљубените, – нагласил Илиески, а пренесува МИА.
Тој посочил дека Филхармонијата во изминатиот период остварила големи успеси, што се должи на унапредениот програмски дел, но и на новите простории.
Менаџерот за односи со јавност на „Тиквеш“, Елена Младеновска, посебно порачала дека концертот што ќе се одржи на 14 февруари е дел од пошироката платформа насловена „Falling in wine with you“, со која „Тиквеш“ ги обединува прославите на Денот на вљубените и празникот на лозарите и винарите преку нивниот заеднички именител – виното.
–Високото реноме на Македонската филхармонија, квалитетот и уметничкиот дострел се од големо значење за публиката и за уметноста. Оттаму, за нас беше логично да ги поврземе врвните македонски вина и брендот „Тиквеш“ со една ваква институција, – истакнала Младеновска.