Во односите меѓу Руската Федерација и Република Мајкедонија воопшто не постојат отворени политички прашања. Наша задача е само да ја продолжиме соработката, порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по денешнатата средба во Охрид со неговиот домаќин министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

– Денешната средба е во насока на натамошно искористување на поврзаноста и тежнеењето за взаемна комуникација, која историски постои меѓу нашите земји за изградба на современи односи за развивање на соработката во духовно-култураната и во сферата на економијата и инвестициите, како што беше договорено на средбата на претседателите на Руската Федерација и на Македонија Медведев и Иванов минатата година во Санкт Петерсбург, рече Лавров.

Со министерот Милошоски се осврнале на тоа како се одвива исполнувањето на договореното од страна на претседателите на двете земји. Милошоски истакна дека двете земји споделуваат заеднички вредности, симпатии и културна блискост кои можат да послужат како капитал за надградување на македонско-руските односи како во политичка така и во економска сфера.

– Оваа посета може да биде значаен импулс за отворање на ново поглавје во насока на натамошно продлабочување на и онака добрите односи меѓу Македонија и Русија. Таа има современ, но и историски симболизам бидејќи денес се одбележува 150 – годишнината од првото руско дипломатско присуство на територијата на Република Македонија со отварањето на Рускиот конзулат во Битола пред 150 години, рече Милошоски. Министрите Лавров и Милошоски на средбата го потпишаа Заедничкиот план на министерставта на двете земји за редовни консултации за периодот 2011 – 2012 година за кои се очекува да придонесат за поблиска координација во различни области на надворешната политика.

Милошоски воедно, му се заблагодари на неговиот руски колега за гестот кој денешните средби ги искористи на Македонија да и достави неколку архивски документи од руската дипломатска архива значајни за историјата и посебноста на македонскиот народ.

Со Лавров во Охрид средби остварија и претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски. Интензивирање на соработката меѓу Македонија и Русија, пред се, во делот на енергетиката, но и на економијата и политиката биле тема на разговор на премиерот Никола Груевски со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Премиерот Груевски во изјава за медиумите по промоцијата на 14 нови наслови од Проектот за превод на 1.000 стручни и научни книги, оцени дека има позитивен тренд во односите меѓу двете земји, особено, вели, откако руската компанија „Газпром“ објави дека Македонија ќе биде вклучена во гасоводот „Јужен поток“.

– Во тек се процедури од кои може да очекуваме да се склучат и соодветни договори, рече Груевски.

Импулс на соработката, смета дал и Договорот меѓу Русија и Македонија за исплата на клириншкиот долг.

– Таа ќе биде спроведувана преку изведување работи во градежните зафати за изградба на гасната инфраструктура, односно за цевките за дистрибуција на гас во различни делови на Македонија, кои се надеваме дека ќе започнат кон крајот на оваа или почетокот на идната година, бидејќи во моментот се работи на проектите за кои се ангажирани меѓународни компании, нагласи Груевски.

Со рускиот министер за надворешни работи било разговарано и за склучување на договор за слободна трговија меѓу двете земји, а во завршна фаза, додаде тој, е и договорот за пријателство и соработка, којшто очекува да биде потпишан во втората половина од годинава.

Премиерот Груевски информира дека било разговарано и за можности за склучување договори од областите на културата, на труд и социјална политика, за соработка меѓу полициите во делот на сузбивање на трговијата со наркотици и за други договори кои ќе им помогнат на граѓаните од двете држави, но и на самите држави за подобра соработка.

Средбата ја оцени како позитивна и изрази надеж дека ќе резултира со конкретни резултати.

Прашан за тоа дали со рускиот министер разговарале за спорот со името, Груевски рече дека тоа не било тема на нивните разговори.

– Русија е една од првите држави во светот која не призна како Република Македонија под уставното име и тоа го почитува до ден денеска, изјави премиерот Никола Груевски.

Претседателот Иванов се сретна со рускиот министер за надворешни работи Лавров

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Охрид имаше средба со министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров.

На средбата во Вилата „Билјана“, претседателот Иванов и министерот Лавров разменија мислења за нивото на односите на двете држави. Заедничка оценка на двајцата соговорници беше дека Република Македонија и Руската Федерација негуваат исклучително блиски и пријателски односи, кои се основа за натамошно продлабочување на соработката во економијата, енергетиката, културната и научната размена, туризмот.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, особено значаен дел од средбата беше посветен на перспективите кои се отвораат меѓу двете држави во поглед на планираното поврзување на Република Македонија на проектираниот гасовод Јужен Поток. Шефот на државата изрази уверување дека реализирањето на овој проект ќе овозможи значителен економски подем на Република Македонија, обезбедувајќи достапен и сигурен извор на енергенси.

Претседателот Иванов и Министерот Лавров разговараа за досегашните успешни руски инвестиции во Република Македонија и за можностите за натамошно инвестирање, како и за пристапот на македонските производители до рускиот пазар.

Иванов ја афирмираше поканата до рускиот претседател Дмитри Медведев да ја посети Република Македонија, при што ќе може на највисоко ниво да се потпише договорот за пријателство и соработка меѓу двете држави.

Искажувајќи голема благодарност за принципиелниот став на Руската Федерација во однос на почитувањето на уставното име на Република Македонија, чин кој особено се цени и од македонските граѓани, претседателот Иванов го запозна министерот Лавров со актуелностите во процесот на разговорите со Република Грција и за позициите на Република Македонија.