Станува се поизвесно дека Македонија ќе се вклучи во гасоводот Јужен тек, најави вицепремиерот Зоран Ставрески. Се разгледуваат повеќе опции како тоа да се направи, дали ќе се изгради крак или транзитна траса низ која ќе минува гасоводот. Ова е заклучокот од средба на делегацијата на енергетскиот Газпром со претставници на македонската влада.
Според вицепремиерот Ставрески , разговорите биле чекор поблиску до реализација на гасоводот во Македонија и останува уште да се направат технички анализи за исплатливоста на гасоводот, а потоа да се потпише меѓудржавен договор со Русија за негова реализација.
Леонид Чугунов, претставник на Газпром, изјави дека е неопходен период од најмалку една година за техничките подготовки, по што ќе се знае дали и во каков вид ќе поминува гасоводот низ Македонија.
– Треба да се види дали Албанија и Косово се заинтересирани да се приклучат кон Јужниот тек, ако тие пројават интерес, тогаш Македонија станува транзитна земја преку која ќе се испорачува гасот и тогаш треба да се подготви нов проект за изградба на гасоводната мрежа. Ако овие земји не сакаат да се приклучат кон овој гасовод, тогаш доволно е Македонија да се приклучи со крак и во тој случај може да се искористи сегашниот проект за гасификација што го има македонската влада – изјави Чугунов.
Според министерот Ставрески, рано е да се пресмета колку ќе ја чини државата изградбата на гасоводната мрежа бидејќи се уште не се знае дали ќе се гради магистрална траса или крак.
– Битно е тоа што со доаѓањето на Газпром во земјава Македонија ќе биде поатрактивна за инвеститорите заради стабилноста во снабдувањето со еколошкиот и евтин енергент, а тоа воедно ќе значи и поголем економски пораст – рече Ставрески.
Владата веќе го има формирано претпријатието Македонија гас што треба да работи заедно со Газпром на реализацијата на гасоводот.
Активности „Газпром“ дојде во Скопје