Повеќе години, македонското стопанство има иницијатива за отворање на дистрибутивен центар во Руската Федерација, како директна логистичка поддршка и поттик на компаниите да го унапредат извозот во оваа земја.Руската Федерација е престижна деловна дестинација за светските економски сили, но и за малите играчи. Трговската соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација е во континуиран раст, но константно се зголемува и трговскиот дефицит на македонска страна. Во 2010 година покриеноста на увозот со извозот изнесуваше 4,8 проценти, во 2009 е 4,6 проценти, а во првиот квартал од оваа година е 5,3 проценти .

Извршниот директор на Стопанската комора на Македонија истакна дека Стопанската комора на Македонија и Македонско-руската стопанска комора со овој настан се ставаат во функција на промоција на иницијативата на приватниот сектор – отворање на дистрибутивен центар на македонските стоки во областа Самара, Руската Федерација, со цел директен придонес во брзо остварување на повеќегодишната иницијатива. Самарската област е една од економски најразвиените во Русија. Има резерви на нафта, природен гас и хидроенергија. Богата е и со сулфур, креда, глина… Најразвиени се машинството, хемиската индустрија и обоената металургија. Стопанството го сочинуваат 400 големи и средни претпријатија и преку 4.000 мали фирми. Просечната плата е 435 евра, а бројот на жители што гравитира во оваа област надминува 20 милиони. Како што рече подвлече извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, Самарската област е увозно зависна од прехранбени продукти и токму затоа фокусот треба да се стави на агрокомплексот. Транспортот воопшто не претставува проблем, затоа што освен автопатната мрежа, исклучително се развиени и железничкиот и воздушниот сообраќај.