Македонија и Русија потпишаа нова програма за соработка

1258

Овој документ претставува правна рамка за интензивирање на односите меѓу Македонија и Руската Федерација, за поинтензивна соработка меѓу институциите, размена на проекти и уметници. Истовремено се отвора и можност за заемно признавање на дипломите од високо-образовните установи во двете држави
Заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Владимир Генадиевич Титов вчера ја посети Република Македонија при што оствари средба со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Во рамките на посетата беше потпишана и Програма за соработка меѓу двете држави од областа на културата, образованието, науката и спортот со важност 2012-2015 година. Со овој документ се интензивира поинтензивна соработка, меѓу институциите, размена на проекти и уметници, и се отвора можност за заемно признавање на дипломите од високо-образовните установи во двете држави, а во 2012 се очекува и потпишување на Спогодба за основање на културни центри. “Претседателот Иванов изрази задоволство од активностите насочени кон поврзување на Република Македонија на стратегискиот проект Јужен поток, додавајќи дека со тоа ќе се отвори нова перспектива за економски развој на земјата. Двајцата соговорници посебно се осврнаа на можностите за продлабочена економска соработка, за натамошно зголемување на трговската размена водејќи се од позитивните трендови во извозот на македонски производи во Русија и за можностите за зголемувањето на руските директни инвестиции во Македонија”, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.