Вклучувањето на Македонија во значајниот меѓународен транзитен коридор „Јужен поток“, со можност за изградба на крак низ македонска територија, беше една од темите на денешната средба во Санкт Петерсбург на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески со генералниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер Тие воедно заклучиле дека претстојното потпишување на спогодбата за клириншкиот долг меѓу Русија и Македонија, најавено за в сабота, ќе создаде услови за учество на „Газпром„ во изградбата на македонската гасоводна мрежа. – Потпишувањето на спогодбата ќе овозможи унапредување на соработката меѓу Македонија и Русија во енергетскиот сектор. Со тоа се создадени услови „Газпром“ да учествува во изградбата на гасоводната мрежа во Република Македонија, за што двете страни искажаа целосна подотвеност за соработка, соопшти Кабинетот на министерот за финансии Ставрески. Иванов, Ставрески и Милер разговарале и за можноста за партнерство меѓу рускиот енергетски гигант и Македонија во изградба на гасни електрани. – Подготвеноста на двете страни за реализација на проектите се докажува и со тоа што е договорено експертските тимови на Газпром и Владата на РМ веднаш да почнат да работат на усогласување на техничките работи, се вели во соопштението од кабинетот на вицепремиерот Зоран Ставрески.
Активности Македонија во „Јужен поток“ преку „Газпром“