Одлука за укинување на визите за граѓаните на Руската Федерација донесе македонската Влада на крајот од минатата недела. Времената мерка Русите да патуваат во Македонија без визни формалности ќе трае до 15 октомври годинава, а е со цел привлекување поголем број туристи од 140-милионска Русија, кои веќе покажуваат интерес за летување во Македонија. Македонија оди по примерот на Хрватска, која летово, токму со оваа мерка, очекува 150.000 гости од Русија. Црна Гора и Албанија сторија вакво нешто во текот на мај, а Србија воопшто нема визи за граѓаните од Русија. Каков ќе биде ефектот во Македонија, каде што за летово беше најавено пристигнување на 1.200 гости од Русија, ќе се види по 15 октомври кога одлуката престанува да важи. Врз основа на тие процени ќе се решава дали и во иднина ќе се применуваат вакви „летни шеми“ или ќе се бара потрајно заедничко прифатливо решение за визниот режим, кое нема да биде еднострано… Македонија и Русија имаат потпишано спогодба, која стапи во сила во септември 2008 година, според која, без визи во двете земји патуваат носители на дипломатски и службени пасоши, граѓани кои патуваат поради деловни контакти, научнотехничка, образовна, културна, спортска соработка, новинари… лица на студиски престој или поради лекување, лица кои се поканети од роднини или познати… со оригинал туристички ваучер или покана секој може да отпатува во Русија, односно во Македонија и да престојува до 30 дена. Со владината одлука сега секој руски граѓанин (заклучно до 15 октомври) ќе може само со валиден пасош да дојде во Македонија.
Активности Одлука за укинување на визите за граѓаните на РФ