На ден 29.10.2015 год. во Скопје од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и Македонска Руска стопанска комора е потишан Меморандум за деловно техничка соработка. Меморандумот, го потпишаа Директорот на Агенција за храна и ветеринарство на РМ – Зоран Поповски и Претседателот на Македонска Руска стопанска комора – Ѓорѓи Дика, во присуство на претставници на македонски компании од млечната и месната индустрија кои претходно беа посетени од страна на инспекциските служби на “Россељхознадзор” (Служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација).

“Меморандумот е резултат на остварената соработка и потребата од усовршување на компаниите и инспекциските служби во однос на руските законски прописи и правила”, изјави Ѓорѓи Дика, кој истакна дека овој меморандум ќе придонесе за значајно зголемување на соработката помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и членките на Македонска Руска стопанска комора во правец на развој на трговско-економските врски со Руската Федерација”.

Од денес, во организација на Македонска Руска стопанска комора, во Скопје се одржува дводневен семинар под името Семинар за законска регулатива, правила и прописи за извоз на млеко и млечни производи, месо и месни производи во Руската Федерација и Евроазиската Царинска Унија, на кој пристуствуваат претставници на компании од македонската млечна и месна индустрија. Семинарот го отвори Извршениот директор на Македонска Руска стопанска комората, Дејан Бешлиев, кој говореше за значењето на информираноста и едукацијата во процесот на подготовките со што се скратува патот до успехот и посакуваните резултати.

Во рамките за семинарот, од страна на предавачи од А-ЦЕРТ, – официјална сертифицирана агенција на “Россељхознадзор”, учесниците се запознаваат со законската регулатива, процедурите, правилата и прописите како и со сите детали со кои компаниите ќе се сретнат во пракса при извозот на млеко и млечни производи, месо и месни производи на рускиот пазар и пазарите на Евроазиската Царинска Унија. Целодневните активности покрај предавањата предвидуваат дискусии по посебни теми, а сите учесници ќе добијат сертификат за посета на семинарот

Македонско-Руската комора која во дел на активностите е насочена кон зголемување на извозот на македонски производи во Руската Федерација, оценува дека со воведување на семинари и обуки, македонските компании поединечно ќе се стекнат со дополнителни придобивки и ќе бидат подготвени за планско и ефикасно постигнување на зацртаните цели, што ќе се одрази на целокупната слика со зголемување на финансиските резултати од извозот на македонски производи во Руската Федерација.