Вкупниот обем на стоковната размена на Република Македонија со светот во првата половина од годинава достигнал вредност од 7,764 милијарди САД долари.Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 3,323 милијарди САД долари и бележи пораст од 26,5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,441 милијарди  САД долари, што е за 24 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 1, 117 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 74,9 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – јуни 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија. (Државен завод за статистика)