Тавче – гравче, готовото јадење на «Вори», наскоро ќе почне да се продава на интернет саjтот за е-трговија «Озон» во Москва. За класичните готови јадења на гевгелиската компанија владее се поголем интерес во руските маркети, но сега тие ќе се продават и на платформата за електронска трговија на еден од најголемите сајтови за пласман на производи и услуги во Руската Федерација. Македонската компанија за својот ајвар, тавче гравче и рижото на најголемиот саем за широка потрошувачка во Русија и Југоисточна Европа «ПРОДЕКСПО» во Февруари во 2017 година го освои златниот медал во категоријата «Најдобар производ», што беше влезница за пласманот на овој производ од гевгелиската конзервна индустрија на големиот руски пазар.
– Од производите на „Вори“ токму „Тавче гравче“ прво ќе го пробива „интернетскиот мраз“ и очекуваме потоа на нему да му се придружат и двата други производи од програмата  на класичните  јадења на оваа компанија, а  тоа се ѓувечот и рижотото, – вели Ина Владимировна Жарова, сопственик и генерален директор на „Македонски дом“, компанија формирана во Москва за поттикнување на македонскиот извоз во Русија.
„Вори“ неодамна отвори нова линија за производство на готова здрава храна и лансираше на пазарот четири производи  – два типа киноа, кус-кус и булгур.
– Класичните готови јадења веќе подолго времне се продаваат низ цела Европа. Најголем наш купувач во овој сегмент е Германија. Годинава од овие производи извезовме околу 1 милион тегли, – истакнува Јорданка Ристова, една од сопственичките на компанијата. – Забележив е и интерсот за здравите готови јадења и допрва очекуваме тие да се пробијат на пазарот.
Семејната компанија од Гевгелија вели дека извозен хит на компанијата е ајварот кој лани беше произведен и извезен во количина од 7 милиони тегли. Погодениот вкус на европските потрошувачи од страна на конзервната индустрија «Вори» лани и донесе обрт од околу 6 милиони евра.
«Вори» работи според стандардите за квалитет: ИФС, ХАЛАЛ, ИСО 22000 и НАССР. Вработува околу 100 луѓе, а во време на производна сезона бројот се искачува на 300 вработени.
                                                                                    Саво Пејчиновски